Хуманитарен настан и мото дефиле денес низ Скопје под мотото „Биди модерен, биди хуман“

Под слоганот „Биди модерен, биди хуман!“, Здружението за заштита на животните и животната средина „Шепасти Ентузијасти“ од Скопје денеска го организираат вториот по ред „ШеPAWогија vol. 2“, каде сите љубители на животни да бидат дел од настан на кој ќе се собираат донации наменети за покривање на трошоците за шепастите штитеници.

Од 12 – 13 часот „МК Вепар“, и други пријавени мотоциклисти, ќе учествуваат на кратко мото дефиле низ градот Скопје, со знамиња под истоимениот слоган, со цел да се покрене свеста за хуман третман кон животните и заштита на животната средина.

Имено, како што велат од Здружението, „МК Вепар“ е хуман мотоциклистички клуб, и членовите на истиот се грижат за повеќе мачиња кои сами ги спасуваат, стерилизираат и вакцинираат, и својата поддршка за настанот како големи љубители на животните ја покажаа преку обезбедување простор за истиот и учество во дефилето.

Настанот ќе продолжи со музичка програма и базар во 13 часот во дворот на просториите на Мото Клуб Вепар, каде J&J Acoustic & DJ Tina ќе ги забавуваат посетителите до попладневните часови, односно до 18 часот.