„Хумана приказна“, караван на претстави за запознавање на граѓаните со Народниот правобранител

Во Кино Фросина вечерва (7 декември) од 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Хумана приказна” од Кaтерина Момева во режија на Бесфорт Идризи.

Претставата е дел од проектот „Мој Омбудсман – театарот како метод за зголемување на основните човекови права“, во продукција на „Онлимит медиа“ во партнерство со Народниот правобранител.

Целта е да ги запознае граѓаните. пред сè младите и жените, за надлежностите на институцијата Народен правобранител, да го зголеми присуството на Правобранителот во руралните подрачја и да ги промовира професионалноста, експертизата и транспарентноста на Канцеларијата на Народниот правобранител.

„Со оваа претстава што е тријазична (со титли за гледачите) и ги опфаќа македонскиот, албанскиот и турскиот јазик, и со начинот на кој ќе се прикажува ширум државата, покривајќи повеќе различни општини и региони, се надеваме да дадеме позитивен импулс кон информирањето на граѓаните за надлежностите на институциите, снабдувајќи ги со дополнителни информации, промовирајќи ја институцијата Народен правобранител првенствено пред младите луѓе и жените, зголемувајќи го присуството на Правобранителот во руралните подрачја и промовирајќи ги професионализмот, експертизата и транспарентноста на Канцеларијата на народниот правобранител што несомнено ќе значи нејзино придвижување кон поголема самостојност и кон стекнување на поголема доверба меѓу граѓаните“, посочуваат организаторите.

На крајот на претставата публиката ќе има можност да учествува во дискусија со Народниот правобранител. Влезот е бесплатен а претставата во следните недели ќе гостува и во Крива Паланка (14-ти декември), Битола (15-ти), Тетово (19-ти), Куманово (21-ви), Велес (22-ри), Гостивар (23-ти), Свети Николе (25-ти), Неготино (26-ти) и Кочани (27-ми декември).