Хуан Гуаидо повика на нови протести во Венецуела

Опозицискиот лидер и самопрогласениот претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо повика на нови протести оваа сабота како одговор за апсењето на неговиот главен соработник Едгар Замбранo.

„Се бориме против режимот кој вооружуваше паравоени структури, но тоа нема да не спречи. Ќе организираме протести низ целата земја“, изјави Гуаидо на прес конференција во Каракас.

По налог на врховниот суд на Венецуела, во средата е уапсен потпретседателот на народното собрание Замбрано откако тој даде поддршка на неуспешниот обид за државен удар против претседателот Николас Мадуро.

Народното собрание, на чело со Гуаидо, ја критикуваа одлуката на судот посочувајќи дека „ништо нема да ја спречи опозицијата во остварувањето слободни избори“.

Засолниште во странските амбасади

Двајца пратеници од опозицијата кои се соочуваат со прогон поради поддршката за неуспешниот државен удар и соборувањето од власт на Мадуро, најдоа засолниште во странските амбасади во Каракас.

Ричард Бланко во четвртокот побегнал од резиденцијата на аргентинската амбасада во Венецуела. Бланко е трет политичар кој побарал засолниште во амбасадите во Каракас, откако е обвинет за предавство, заговор и граѓанска непослушност, а му бил одземен пратеничкиот имунитет.

На почетокот на овој месец, Леополдо Лопес, претседател на партијата „Народна волја“ кој е исто така обвинет за обид за државен удар, побегнал во амбасадата на Чиле, а потоа во резиденцијата на шпанската амбасада во главниот град.

Протести од јануари

Венецуела ја тресат протести од 10 јануари оваа година, кога претседателот Мадуро положи заклетва за втор мандат, после изборите кои опозицијата ги бојкотираше.

Протестите ескалираа кога на 23 јануари, Гуаидо се прогласи за вршител на должноста претседател. Тој потег го поддржаа Соединетите Американски Држави, многу европски и латиноамерикански земји. Додека Турција, Русија, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржуваат Мадуро.