МОН реагира: Единствено Одборот за акредитација дава одобренија за почеток на универзитет

Единствена надлежна институција за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, која меѓу другото утврдува дали со проект за основање на високообразовна установа и поднесена документација се исполнети условите за вршење на високообразовна дејност, а воедно дава и одзема акредитација и одобрение за почеток со работа, е Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Република Македонија, реагираат од Министерството за образование и наука (МОН).

Оваа реакција доаѓа по изјавата на академикот и претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Владо Камбовски, кој ја критикуваше власта бидејќи воопшто не ја консултирала Академијата за формирањето на универзитетите „Мајка Тереза“ и „Дамјан Груев“.

Од МОН, пак, тврдат дека Одборот за акредитација е евалуација е тело во кое, согласно Законот за високото образование, два члена се именуваат од редот на МАНУ, а во моментов токму еден од членовите е и академик Камбовски. Исто така, велат од министерството, тоа е тело кое „е независно во своето делување и постапува согласно законските прописи и надлежности“.

„МАНУ била и ќе остане стратешки партнер во креирањето и имплементацијата на генералните политики за унапредување на образованието и науката, но секако во доменот на ингеренциите и надлежностите кои ги има оваа установа“, стои во реакцијата на МОН.