Богоев: трошоците по студент поголеми од една плата, МОН: студентскиот стандард е наш врвен приоритет

Минималната месечна плата во Република Македонија изнесува 10.080 денари, а минималните трошоци за живеење и студирање на студент сместен во студентски дом изнесуваат 10.277 денари, рече денеска претседателот на СДММ, Стефан Богоев.

Според него, во оваа сума е вклучен престој во студентскиот дом, купување на книги, трошоци за меѓуградски превоз за да може студентот да се врати во своето родно место и да ги види најблиските, како и храна и социјален живот.

„Сето вкупно 10.277 денари наспроти минималната месечна плата од 10.080 денари. Дополнително, во овој трошок не е вклучена сумата од партиципацијата која студентите ја плаќаат за студирање на факултет. Значи, дури и да ја даде целата плата, родителот не може да ги покрие месечните трошоци на детето студент. А што ако има две деца кои студираат? Или три?“, рече Богоев.

Додека родителите се мачат, штедат и гладуват за да обезбедат на своите деца пристојно студирање и услови за живот, вели тој, студентите треба да се сместат во студентски домови кои се руинирани, да учат во разурнати библиотеки, да имаат храна полна со инсекти и да имаат студена вода во бојлерите во нивните тоалети.

infografik-studenti

Податоците кои ги презентираше Богоев

По ова со реакција се појавија од Министерството за образование и наука (МОН). Изнесените податоци ги окарактеризираа како невистинити и манипулативни, а истовремено тврдат дека значително е намалена и унифицирана партиципацијата за студирање на државните универзитети.

„Денес студирањето во државна квота изнесува 200 евра годишно, додека студирањето во квотата со кофинансирање чини максимум 400 евра – за разлика од минатото кога на власт биле денешните опозиционери, кога студентите плаќаа и по 1.200 евра годишно“, стои во реакција на МОН.

Според МОН, студентите и студентскиот стандард се еден од врвните приоритети на ова министерство. Потенцираат дека е изграден систем на стипендирање кој, како што велат, нуди повеќе од 40 различни видови стипендии за македонските граѓани. За дополнително финансиско олеснување, дополнуваат од МОН, на сите редовни студенти на државните универзитети им е овозможен бесплатен превоз во јавниот сообраќај.

„На сите студенти на мајчин јазик им се достапни 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на најдобрите светски универзитети, кои може да ги користат во специјализирани читални и во библиотеките. Континуирано се подобруваат и условите за сместување и престој во постојните домови, преку темелни реконструкции на постојните домови, како студентскиот дом Гоце Делчев и преку изградба на нови сместувачки капацитети, како оние во состав на студентскиот дом Стив Наумов. Наскоро започнува и изградбата на два нови студентски домови“, се наведува во реакцијата на МОН.