Алатка GetData за полесно следење на парите и откривање корупција

Новинарите и невладините организации со алатката GetData ќе можат полесно да најдат информации, податоци, да ги следат парите и да истражуваат случаи поврзани со корупција и владеење на правото.

Се работи за портал-алатка getdata.mk, кој е крeирана од Граѓанската асоцијација МОСТ и порталот НоваТВ, а во рамки на проектот Медиа платформа за застапување. GetData ги систематизира поважните јавно достапни бази на податоци, како и други методи преку кои може да се дојде до јавни информации што ќе бидат од корист на истражувачите.

Автор на платформата е една од најистакнатите истражувачки новинарки во Македонија, Сашка Цветковска од Нова ТВ, која објасни дека се работи за алатка со едноставен дизајн, со разбирлив јазик и достапни бази на јавни податоци од дома и 192 држави. Идејата, исто така, е со лесни и практични примери да се извлече максимум од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

GetData ја направиле бидејќи со текот на работењето, додека ги правеле повеќето од истражувањата, увиделе дека многу од документите и оние што новинарите ги нарекуваат ‘докази за одредено дело’ – можат да се најдат во институциите. Уште подобро, вели Цветковска, некои се достапни и онлајн.

„Новото време донесе нови технологии, кои овозможија владите ширум светот многу од документите да ги споделуваат со јавноста. И во Македонија имаме достапни податоци од институциите. Меѓутоа, ако нешто е достапно, не значи дека тое е одлика на транспарентност, бидејќи поентата е колку институцијата ќе вложи за да им укаже на граѓаните како најлесно да добијат информации. Повеќето од информациите на институциите во Македонија не се видливи, или се тешки за пребарување. Институциите располагаат и со документи кои не се достапни онлајн, а може да се добијат многу лесно. Таков е примерот со Централниот регистар“, рече Цветковска.

Зборувајќи за Централниот регистар, потанциа дека тој обединува најмногу бази, но проблемот е што е прескапа услугата за добивање документи. Ако сакате да извлечете целосна и темелна документација за конкретна компанија од нашиот Регистар, тогаш може да дадете и до 200 евра. Ова, според Цветковска, е единствената институција во регионот и Европа, а може и пошироко со „изгор“ скапа услуга и без можност за бесплатна информација.

getdata

„ Во италијанскиот Регистар за 10 евра може да се купат 300 страници, документи, во Македонија една обична потврда за сопственик на фирма е речиси 300 денари. Ова говори и за отсуството на транспарентност. За разлика од нашиот регистар, земји во регионот имаат бесплатни бази. Дури ги даваат и списите на увид. Тоа е вклучено во GetData во секцијата ’Пребарај во странство’“, вели Цветковска.

Оваа секција се наоѓа во делот „Следи ги парите“. Тука, меѓу другото можете да најдете информации како работи базата на УЈП, за имотната состојба на функционерите, како преку „Скопје 2014 под лупа“ да најдете податоци за споменик или барокен објект, како да се најде закон, тендер, кој одобрува лиценци за организирање игри на среќа…

Во GetData има дел кој се вика „Прашај експерт“, но и сегмент „Реконструкција на истрага“, каде е презентирано како се правени истражувачки стории и патот до документите. Пример, дадена е истрагите што започнаат во 2013 година, од кога Цветковска, Мери Јордановска и Владо Апостолов трагаат по сопствеништвото на интернет порталите, скриени зад непотпишани текстови, со отсуство на импресуми на нивните веб страници и многу пласирани неточни информации полни со навреди и клевети. Тоа од една обична база на податоци прерасна во сериозна трага на моќници, кои преку прокси личности и офшор компании во даночните раеви, попатно формирале и интернет портали во служба на ширење на пропагандата во корист на владејачките структури.

Инаку, проектот во кој е влучена алатката, Медиа платформа за застапување е започнат уште на почетокот на годинава. Предвудува вмрежување на медиумите и невладините организации во застапување на интересите на граѓаните, но, пред се’, промоција на истражувачкото новинарство.

Б.Ш.