„Јавачи на коњи” прогласен за најдобар филм на филмски фестивал во Непал

Независниот македонски филм „Јавачи на коњи“ беше прогласен за најдобар игран филм на „Yala International Film festival“, кој се одржа во Непал, Јужна Азија. Наградата едногласно беше доделена од жирито кое го сочинуваат оскаровецот Марк Башет, Дина Јорданова, професор на филмската академија „Сент Ендру“ во Шкотска и професор на универзитетот во Хонг Конг и Том Валер, филмски продуцент, сценарист и режисер.

„Интимен портрет на изгубените генерации од постконфликтната Југославија. Впечатлив и уверлив перформанс на тројцата главни ликови. Хармоничен и силно емотивен филм” – е коментарот за „Јавачи на коњи“ од Yala International Film festival.

„Јавачи на коњи“ е социјална драма по сценарио на Никола Кузелов, а во режија на Марјан Гавриловски. Во главните улоги се јавуваат Бобан Кулески, Никола Кузелов и Долорес Поповиќ. Станува збор за независен филм кој е работен во Скопје во 2016 година, а својата премиера ја доживува година подоцна во „Кинотека“ на Македонија.

Инаку, ова е втора награда за „Јавачи на коњи“ по наградата за најдобар филм на Fam Fest International 2018 во Северна Каролина, САД. Филмот до сега има учествувано на голем број фестивали низ Европа и светот.