Хрватскиот колектив ОАЗА доаѓа на Недела на дизајнот во Скопје

Сите љубители на дизајнот, во рамките на Неделата на дизајн во Скопје ќе имаат можност да се запознаат со хрватскиот колектив „Оаза“, во кој членуваат шест дизајнерки и самостојни уметници од Хрватска.

Во областите на продукт-дизајнот, дизајнот на ентериери и сценографии, изложбените концепти и просторните интервенции, како и во областа на визуелните комуникации, преку активностите на колективот „Оаза“ своите идеи ги презентираат Нина Бачун, Ивана Боровњак, Роберта Братовиќ, Тина Ивезиќ, Маја Колар и Ана-Марија Полјанец.

Името на колективот „Оаза“ доаѓа од просторот во кој првобитно се собрале да работат, а кој се наоѓа над култното загребско собиралиште „Сахара“. Нивното заедничко дејствување е природен процес на продолжување на претходните студии и соработки.

Во регионални рамки колективот „Оаза“ е познат со иницијативите „Од рака на рака“ и „Made In“. Колекцијата производи од проектот „Од рака на рака“ е резултат на авторските истражувања во областа на хрватското културно наследство и старите занаети, додека проектот „Made In“, со кој колективот „Оаза“ ќе се претстави за време на Недела на дизјнот, е инициран од промените што се случуваат на локално и на глобално ниво и кои радикално ја менуваат сликата на градот. „Made In“ е истражувачки проект за познатата загребска улица „Илица“, за промените што се случуваат со нејзиниот традиционален изглед, а се реализира во соработка со жителите и соседите на улицата. Целта на проектот е во процесот на дизајнирање, од идеја до продажбата на производите, да се користат исклучиво локалните и лесно достапни материјални ресурси и знаењето на локалните жители. Оваа платформа на „Оаза“ ќе биде дефинитивно инспиративно искуство за македонската дизајнерска заедница.

Неделата на дизајнот во Скопје е мултикултурна платформа фокусирана на дизајнот и иновациите, а оваа година од 23 до 27 ноември во „Јавна соба“ ќе се одржи по веќе испробаниот рецепт, кој овозможува промоција, презентација, едукација, кулинарство и забава.