Хрватски новинар претепан во центарот на Загреб

Новинарот Домагој Маргетиќ бил нападнат во вторникот попладне, прво вербално, а потоа и физички, од страна на непознат маж на Кватерниковиот плоштад во Загреб. Хрватското новинарско друштво (ХНД) јавува дека Маргетиќ и претходно бил жртва на напади и закани, за кои никој не одговарал.

Спроед Маргетиќ, во изјава која ја дал за ХНД, му пришол маж за кого мислел дека сака да му постави прашање, но му рекол дека „ќе го замолчи“. Во низата закани му рекол и дека „нема веќе да пишува“ и започнал да го тепа. Напаѓачот, за кого Маргетиќ мисли дека има околу 40 години, набргу побегнал од местото на нападот. Од ХНД додаваат и дека на повикот на Маргетиќ до полицијата никој не дошол на местото на настанот, а повикана била и итна медицинска служба.

Маргетиќ е новинар кој истражува криминал и корупција во хрватското општество, а ја уредува и емисијата Нецензурирано. Кон крајот на ноември на ѕид во влезот на неговата зграда имало напишано „Мртов си, ѓубре новинарско“, а ниту напаѓачот кој го претепал пред неговата зграда во 2014 година се уште не е пронајден, потсетува ХНД.

Претседателот на здружението Саша Лековиќ изјавил дека од полицијата бара во што пократок рок да го најдат сторителот и еветуалниот налогодавач на овој напад, и да го однесе пред суд.

„Се додека не се утврди реалниот мотив за нападот, ќе сметаме дека станува збор за физичка пресметка поради новинарскиот труд на Маргетиќ“, изјавил Лековиќ.

„Предупредуваме дека овој е уште еден во низа напади на новинарите, поради загрижувачкиот пораст на нетолеранција во општеството, како и изостанокот на примерна рекација од надлежните институции. На тој факт ХНД веќе подолго време непрестано предупредува“, додава тој.