Хрватската влада предложи закон за животно партнерство за хомосексуалните двојки

Хрватската влада најави дека наскоро во парламентарна процедура ќе достави закон за животно партнерство, со кој, како што е објаснето, би требало на малцинските групи да им се обезбедат права кои никого не загрозуваат.

Хрватската влада предложи закон за животно партнерство за хомосексуалните двојки

Според овој закон, хомосексуалните двојки ќе можат да склучуваат бракови пред матичар, само што оваа заедница нема да се вика брак, туку животно партнерство.

Како што соопшти Владата во Загреб, хомосексуалците ќе ги имаат истите права како да се во брак, со тоа што нема да можат да посвојуваат деца, но ќе можат да им бидат старатели.

„Тоа е еден чекор поблиску до некои други права, кои би можеле да им ги дадеме во иднина, кога толеранцијата во земјата ќе се зголеми“, изјави хрватската министерка за социјална политика и млади, Миланка Опачиќ.

Оваа одлука на хрватската влада доаѓа по референдумот кој се одржа во неделата, на кој Хрватите се изјаснија дека во Уставот треба да се внесе одредба со која бракот се дефинира како заедница меѓу маж и жена.

Иницијативата „Во име на семејството“ која е против геј браковите, со поддршка на Католичката црква, како и десничарските партии на чело со ХДЗ, собра повеќе од 700 илјади потписи за поддршка на распишување на референдумот на кој беа потрошени повеќе од пет милиони евра.

Владеачките партии пак, претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ, повеќе од 80 граѓански организации и многумина интелектуалци и јавни личности дадоа поддршка на ЛГБТИ заедницата и ги повикаа граѓаните да гласаат против на референдумот.