Хрватската полиција обвинета дека со спреј црта крстови на главите на барателите на азил

Хрватската полиција наводно со спреј во боја им црта крстови на главите на барателите на азил кога тие се обидуваат да ја преминат границата од Босна и Херцеговина.

Новинари од британскиот Гардијан добиле повеќе фотографии на кои се гледаат вакви примери, додека хуманитарните организации случајот го нарекуваат „последно понижување“ кое хрватските власти го прават врз мигрантите кои поминуваат низ Балканската рута.

Од Обединетите Нации побарале хрватската влада да ги истражи обвинувањата.

„Очигледно е дека еден од ефектите на ваквото однесување е да ги понижи бегалците и мигрантите кои се обидуваат да ја поминат границата. Како што гледам, ова е резултат на една од две можни мотивации. Или хрватските власти користат спреј за да ги идентификуваат и понижат бегалците кои по неколку пати се обидуваат да ја поминат границата, или, што е уште позагрижувачки, ја користат оваа тактика за психолошки да ги трауматизираат овие луѓе – од кои мнозинството се муслимани“, вели Џек Сапоч, од организацијата „No Name Kitchen“ која работи во Велика Кладуша, 2 километри од границата и е дел од хуманитарната организација Мрежа за мониторирање на граничното насилство.

На 6-ти мај во Пољана во Босна и Херцеговина, до оваа организација било пријавено дека група луѓе биле потиснати во намерата да ја поминат границата и биле испрскани со портокалова боја. На лицата во групата исто така им биле украдени парите и мобилните телефони, а на дел од нив и обувките. Еден ден потоа друга група се вратила откако имала слично искуство.

Хуманитарни работници, доктори и гранични патроли и претставници на Обединетите Нации изминатиов период документирале систематски злоупотреби и насилство од страна на полицијата, во кои мигрантите често биле тепани, било пукано во нив и биле ограбувани.

Од Агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР, велат дека се „длабоко загрижени за случаите на насилство и односот кон мигрантите и бегалците од хрватската полиција“.

Помеѓу септември 2019 и јануари оваа година, УНХЦР до хрватските власти пријавила 100 случаи на незаконски враќања луѓе од Хрватска во Босна и Србија.