Хрватската писателка Дубравка Угрешиќ е добитничка на угледната награда Neustadt

Хрватската писателка Дубравка Угрешиќ е годинешната добитничка на угледната книжевна награда Neustadt за меѓународна литература, која ја доделува списанието World Literature Today на американскиот универзитет Оклахома. Ова признание, кое се доделува на секои две години, се нарекува „американски Нобел“ и често навестува дека добитникот ќе се закити и со Нобеловата награда.

Угрешиќ е авторка на неколку романи, збирки на кратки раскази и колекции од есеи. Таа во 1991, во виорот на војната во Хрватска, емигрира од својата земја и оттогаш живее и работи во Холандија. Признанијата за нејзините дела дошле уште во времето на поранешна Југославија, а во последните децении, Угрешиќ е честа гостинка на угледните светски (најмногу) американски универзитети, каде држи предавања.

Угрешиќ се смета за една од највпечатливите европски книжевници и есеисти. Нејзините книги, кои ги одбележува комбинација на иронија и сочувство, се преведени на повеќе од 20 светски јазици, а таа е добитничка на неколку други големи литературни награди – Австриската награда за европска литература (1998) и Наградата за есеи „Жан Амери“ (2012).