Хрватска го укина контроверзниот закон за семејство откако отвори жестоки дебати

По жестоките критики, хрватската влада го повлече нацрт-законот за семејството, во кој беше дефинирано дека нема семејство без деца.

Нацртот на предложениот акт е повлечен само еден ден откако е ставен на јавна расправа.

Според одредбите кои беа наведени во предлог-законот, за семејства се сметаат парови со деца, разведени парови со деца и родител на кој му починал сопружникот и деца, но не и брачен пар кој нема деца.

Вака дефинираните семејства во нацрт-законот предизвика низа забелешки, а против законот се изјаснија повеќето опозициски партии, како и ХНС, која е помал коалициски партнер на владејачката ХДЗ.

Пропустот го призна и самиот премиер Андреј Пленковиќ, кој претходно рече дека „вака веќе нема да може“.

„Вакви документи можат да предизвикаат големо внимание, а се во многу рана фаза на расправа. Во иднина нема да можат да се ставаат закони во јавноста додека не ги поминат сите надлежни координации внатре во владата“, рече премиерот по владината седница.

Граѓанин во живо се јави во една од радио-емисиите и постави прашање дали тоа што неговата сопруга го изгубила детето значи дека тие не се семејство.