Хрват измислил дека го нападнале мигранти па доби пријава за ширење лажни вести

Хрватската полиција поднела прва пријава за ширење лажни вести против 34-годишен маж кој  измислил дека го нападнале мигранти.

Како што пренесува Индекс.хр, настанот се случил во Оточац, каде мажот снимил видео и го испратил до новинарка тврдејќи дека бил нападнат од мигранти.

Снимката била објавена на локална телевизија, но полицијата открила дека мажот воопшто не бил нападнат, па против него покренале прекршочна пријава поради ширење на лажни вести. Според членот 16 од хрватскиот закон за прекршоци против јавниот ред и мир, за ширење на лажни вести предвидена е парична казна или затвор до 30 дена.

Хрватските медиуми наведуваат дека ова е прва таква пријава во Хрватска во која е многу актуелно ширењето на лажни вести за мигрантите.