Христос Јованопулос, активист: Окупацијата на плоштадот Синтагма во Атина беше директна демократија

Вистинската моќ доаѓа од граѓаните преку директна демократија, смета активистот и член на движењето Direct Democracy Now, Христос Јованопулос, кој беше дел од окупацијата на плоштадот Синтагма во Атина, во 2011 година. Токму за окупацијата на плоштадот и предизвикот да се направат политички промени беше темата на која зборуваше на годинашното издание на конференцијата за друштвен активизам Engage@Akto во Битола. Во интервју за Радио МОФ, тој вели дека директната демократија овозможува граѓаните да ги носат политичките одлуки, преку независно и чисто движење.

Како настана идејата за директна демократија и што го прави ова движење поразлично од останатите?

Граѓаните упатија поинаков вид на барања, тие бараа директна демократија, бидејќи мислеа дека ако се отстранат луѓето со моќ, ќе имаат шанса да ја подобрат ситуацијата, со тоа што некој друг ќе дојде на моќ што ќе ги земе предвид нивните потреби и желби.

Тоа беше сосема спротивно од она што го правеа невладините организации. Тие не почнуваа со однапред поставени идеја и барања. Тие се соединија како мали потоци и создадоа гневна река.

Како се одржуваше ова движење без поддршка од какви било организации?

Невладините и хуманитарните организации во Грција немаат значајна улога во однос на политиката. Тие играат некаква улога, но улогата на елитите. Сепак, постојат некои организации кои прават добри работи, им помагаат на луѓето, но и тие се некако поврзани со политички движења. Мноштвото од организациите, а кога велам така мислам на 98 отсто од нив и сум многу великодушен со процентот кој го дадов, имаат поинакви интереси, помогнати од странски и американски моќници.

Зошто според вас им требаше толку време на луѓето да ја преземат демократијата директно во свои раце?

Во 2009 година имавме огромен револт кај младите, бидејќи 15-годишниот Александрос Григоропулос беше убиен од полицаец. Овој револт беше многу насилен и траеше три недели, секое училиште и универзитет во Грција беше окупирано и имаше напади врз полициски станици и владини згради. Ова беше крајот на постдиктаторскиот демократски договор помеѓу политичките претставници и општеството. Политичкиот естаблишмент во Грција не го рефлектираше повеќе она што се случуваше во општеството. Ова беше внатрешната причина поради која оваа форма на демократија постоше кај луѓето.

Потоа, за време на кризата, кога Грција побара од Меѓународниот монетарен фонд да се вклучи како помош, грчкиот народ беше револтиран бидејќи тие чувствуваа дека некој друг одлучува за нив. Затоа има толку многу знамиња на плоштадите, тоа не е поради национални причини, туку од демократска причина, за да покажат дека се дел од тоа општество, а не од некое друго. Исто така, сметаа дека членовите на Парламентот им служат на други, на богатите интернационални корпорации и банки, а не нам. За време на протестите на движењето постојано се пееше „Прво дојдоа со тенкови, а сега со банки“.

Ова доведе до нашите масовни собири на плоштадот Синтагма, каде секоја вечер доаѓаа по 3-4 илјади луѓе, а на главниот протест се појавија 20-25 илјади луѓе. Целото движење траеше речиси три месеци, сè додека полицијата не нè избрка, но секојдневните собири продолжија.

Ја објаснивте идејата и причините поради која се основаше движењето, но како тоа функционираше?

Не беше група која одлучуваше, ниту имаше кампања за тоа како ќе делуваме. Се појави едноставен повик на Фејсбук, направен од 19-годишно момче, кој брзо се прошири во уште 17 други градови. По првиот собир, имаше хаотичен ред, секој пат имаше различни проблеми со кои требаше да се соочуваме и кога мислевме дека сме ги надминале, се појавуваа уште поголеми. Секој ден одново се организиравме, имавме три групи, чија цел беше да го организираат животот на плоштадот. На пример, чистењето, безбедноста и заштита за да се избегне некако конфликт, групата задолжена за медиуми, која прва беше формирана… Организиравме и денови на дискусија каде ни доаѓаа експерти.

За нашите одлуки и правила дискутиравме во работните групи и потоа тоа го предложувавме пред собранието и луѓето беа единствените кои можеа да носат политички одлуки, никој друг. Не го користевме моделот на консензус, туку со мнозинство, односно 75 отсто од луѓето. Ова ни даде повеќе флексибилност за да бидеме поефективни.

За време на презентацијата споменавте дека една од групите на движењето, одговорна за солидарните акции, учествувала во помошта за бегалците, но дека не функционирала според агендата „Добредојдовте бегалци“. На каква агенда мислевте кога го кажавте тоа?

Во Европа, движењето „Добредојдовте бегалци“ беше составено од обични луѓе кои сочувствуваа со нив и ги отворија своите домови, ги пренесуваа со своите коли, и на почетокот тоа беше спонтано, па дури и сега има огромен потенцијал како солидарно движење. Но, јас мислам дека главната идеја на движењето беше одземена од (Ангела) Меркел и германскиот естаблишмент.

Имате една агенда која доаѓа од долу и една агенда од горе. Но, оваа агенда која доаѓа од долу нема доволно сила да се спротивстави на политичките елити. Не значи дека тие кои ги примија бегалците во Европа дека е за нивно добро, туку за нивна корист.

Според мене, проблематичното во оваа агенда е што се наметна прашањето за нивните права, а не прашањето за тоа што ја создаде бегалската криза. Се разбира дека не беше нивна одлука, но не беше ни поради нивна волја, бидејќи доаѓаат од држави погодени од војни или економска криза. Ние се фокусиравме само да ги подржеме и да создаваме притисок врз државата да им даде еднакви права.

Во Грција, имавме огромно солидарно движење, но она што беше поразлично е што иако главната цел ни беше да им помогнеме бегалците, акциите што ги правевме, беа еднакви за сите.

Што се случува во моментов со движењето? Постои ли можноста тоа повторно да се активира?

Прашањето што го имаме како движење според мене сега е како да се создаде колективен наратив што ќе биде дел од нов екосистем кој ќе функционира според нови принципи и што ќе има доволно капацитет да создаде политичка промена. Некогаш се троши многу време за да се организира внатрешната структура, па не секогаш можеме да размислуваме на стратегијата поради секојдневните тензии на работа.

Е.П.