„Храна за сите“, „Еко илузија“ и „МаМаОргана“ се победници на конкурсот за зелени бизнис идеи

Софтверско решение за продажба и донирање на непродадена храна од угостителски објекти „Храна за сите“, илузионистички бизнис за промоција на екологија и поддршка на маргинализирани лица „Еко илузија“ и производство на супстрати за органско производство на растенија и габи „МаМаОргана“ се трите најдобри зелени бизнис идеи на конкурсот „Филантропија преку зелени идеи 2017“.

Победниците добиваат вредносен ваучер за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг и ќе се натпреваруваат на регионален натпревар од 26 до 29 јули во Црна Гора, каде ќе се борат за парични награди од 10.000 долари.

Здружението за социјални иновации „АРНО“, кој е организатор на конкурсот, информира дека критериумите според кои се оценувани идеите се изводливоста на идејата, позитивното влијание врз локалната економија и животната средина, како и само-одржливост и социјалниот импакт.

Според координаторот на проектот Ирина Јаневска, интересно за оваа година е што имало неколку идеи кои биле слични за градби со глина, органско компостирање и реупотреба на текстил.

„Се радуваме што гледаме вакви трендови во економијата и интерес кај македонските граѓани да водат еко-бизниси. Беше вистински предизвик да се одберат финалисти и победници. Одлуката се водеше и по критериумите овие бизниси да можат да се реализираат со почетниот капитал и во рок од една година да покажат пазарни резултати“, изјави Јаневска.

„Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува развој на мали, локални одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.