Храна, вода, струја за секое семејство – иницијативата „8 септември“ во Тетово

Граѓанската иницијатива „8 септември“ заедно со Македонската платформа за борба против сиромаштија (МППС) одржаа трибина во центарот за балканска соработка „Лоја“ во Тетово, насловена: „Храна, вода, облека  и струја за секое семејство“.

На трибината, претставниците од „8 септември“ ја образложија иницијативата пред тетовчани. Џелал Хоџиќ напомена дека иницијативата ќе достави предлози до институциите на национално и локално ниво, кои опфаќаат измени на постоечкиот закон за социјална заштита и предлог-мерки за зајакнување на социјалната состојба на социјално загрозените семејства. Тој истакна дека и покрај тоа што и со Уставот за гарантираат социјалните права, државата секојдневно им ги скратува на граѓаните овие права, а тоа најмногу се огледува преку континуираното намалување на буџетот од сферата на социјалата.

ФОТО: Ванчо Џамбаски

Претседателот на МППС  Мила Царовска истакна дел од причините зошто во Македонија треба да се воведе минимален достоинствен приход. Таа напомена дека овој модел е веќе прифатен во неколку европски земји и има позитивни ефекти. Со воведувањето на оваа мерка, според Царовска, бенефит ќе имаат и граѓаните и државата.

„Во земја каде што сиромаштијата е на високо ниво и граѓаните не можат да ги задоволат егзистенцијалните потреби, минималниот достоинствен приход е неопходен“, рече Царовска, која напомена дека паричната помош што ја добиваат социјално загрозените семејства од државата изнесува во просек 20 денари по член на ден, што е многу далеку од европскиот просек кој изнесува 2 долари.

ФОТО: Ванчо Џамбаски

Настанот во Тетово беше поддржан од ФООМ и Младински образовен форум.

Бобан Костадиновски