„Храна во кадар“ – прво издание на филмскиот фестивал денеска во Кинотека

Неколку кратки и четири долгометражни документарни филмови, ќе бидат прикажани денеска на првиот Филмски фестивал за храна „Трпеза филм фестивал‘’ (ТФФ) што ќе се одржи во Скопје.

Фестивалот под мотото „Храна во кадар“ го организираат Слоу фуд Водно и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Со ТФФ воедно ќе се одбележи и 16 Октомври – Светскиот ден на храната.

Годинава се повикува на силна акција за постигнување на целта #СветБезГлад и подобра исхрана до 2030 година преку посилни партнерства и соработка во насока на трансформирање на системите за храна, промена на начинот на нејзино производство, консумирање и трошење.

ТФФ ќе се одржува во Кинотека на С. Македонија, со почеток од 17 часот. Поради ситуацијата со Ковид-19, посетителите ќе треба да ги почитуваат протоколите за заштита.

Во склоп на фестивалската програма ќе бидат прикажани „На трпеза кај…Македонија“ од Mирјана Момировиќ, „Езеро од јаболка“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Приказната за Слоу Фуд“ на Стефано Сардо  и „Момчињата од Бароло“ на Паоло Казалис и Тициано Гаја. Пред секоја од овие проекции ќе биде пуштен по еден краток видео запис на ФАО со фокус на важноста на зголемување на отпорноста и одржливоста на системите за храна и обезбедувањето здрава исхрана за сите.

Светскиот ден на храната годинава се одбележува под мотото „Да растеме, да се исхраниме, да се одржиме, заедно – Нашите дејства се нашата иднина“, а ФАО одбележува 75 години постоење.

Според ФАО, над две милијарди луѓе во светот немаат редовен пристап до доволно количество хранлива храна, а околу 135 милиони во 55 земји трпат акутен глад за што им е потребна итна помош околу храната, исхраната и егзистенцијата.