„Храна, а не оружје“- од зеленчук што се фрла до вкусен оброк за сиромашните

Секој викенд, активисти од движењето „Храна, а не оружје“ приготвуваат храна за сиромашните и ја служат во близина на скопскиот плоштад. Во петок го собираат зеленчукот кој пазарџиите наместо да го фрлат, им го донираат на активистите. Тие потоа ги чистат скапаните делови, а потоа од овој зеленчук готват вкусни оброци.

Небојша Додевски од „Храна, а не оружје“ за Радио МОФ раскажува дека пред четири години ја обновил идејата што постоела пред една деценија, но потоа згаснала. Тој вели дека движењето се заснова на индивидуалната волја кај човекот, колку тој сака да помогне.

„Почнавме 12-13 луѓе, готвевме во гаража бидејќи немавме простор каде да готвиме. Па, потоа почнавме со мачкање леб, чаеви, со кафиња и со тек на време иако групата се намали, Храна, не оружје“ порасна, наместо да е обратно. Одиме на пазар и рециклираме храна, ја собираме, некогаш и луѓе донираат, но тоа е индивидуално. „Храна, не оружје“, не е организација, туку е проект со кој на секој начин би им се помогнало на сиромашните“, раскажува Додевски.

Првото вакво здружување е основано во 1980 година во Кембриџ, Масачусетс од страна на група анти – нуклеарни активистки , а денес постојат преку 200 автономни независни движења во целиот свет. Храната која се служи е вегетарјанска и вегенска. Целта е да се покаже дека секојдневно се фрла здрава храна која може да се јаде ако се преработи.

Во Македонија ваквата акција почна да се одржува секоја втора сабота, потоа активистите одлучиле да се прави секоја сабота, за последниов месец храната да ја служат и во двата дена од викендот.

„Имаш време за да го почнеш тоа, само треба да одлучиш да го посветиш времето“, вели Додевски.

Во движењето се вклучени десетина активисти кои велат дека уживаат во тоа и сакаат да направат некаква промена.

Според досегашното искуство, Додевски вели дека најмногу им помогнале пазарџиите од Битпазар. На останатите пазари пак, додавa тој, наидуваат на продавачи кои се чувствувале навредени бидејќи од нив била побарана храна што не би ја продале.

„Храна, не оружје“ беше дел и од студентската Автономна зона во просториите на Филозофски/Филолошкиот факултет во Скопје. Тие со готвење на храна им ја дадоа поддршката на студентите.

Досега вакви групи се формирани во Прилеп и Велес, а за во иднина, активистите се надеваат дека „Храна, не оружје“ ќе прерасне и во секојдневна акција.

Е.П.