Хотелиерите бараат учебната година да почнува на 15 септември, летната сезона да продолжи

Надлежните да го следат примерот на соседните земји и да го одложат почнувањето на учебната година од 15 септември, за да продолжи туристичката сезона, која претрпе загуби, бараат туристички работници од Охрид и Струга.

Како што пренесува Фактор, причина за овие барања на туристичките работници се немилите настани кои ја снајдоа земјава: лошото време во јуни и случувањата во Куманово кои, според нив, предизвикале посетеноста да биде слаба, а аранжманите да бидат откажани.

„Би се продолжила и сезоната, а бенефит би имале и хотелите.Тогаш и хотелите би излегле со едни супер цени, септемвриски цени. Можеме да ја растовариме сезоната со една убава класична сезона, а концертите да се одржуваат од 1 до 15 септември. Тогаш сезоната ќе биде прекрасна“, вели туристичкиот работник Љупчо Јузмески.

Хотелиерите сметаат дека е неопходно државата да ја сфати потребата од пролонгирање на учебната година, следејќи го примерот на соседна Бугарија, каде таа почнува на 10 септември.

„Тоа се само десет работни дена во годината, кои можат да се одработат во текот на зимата или пак да се учи до 15 јуни. Треба да седнат да го изгласаат овој закон и сите да имаме бенефит“, вели Јузмески.