Хорват: Покемон Го е само почетокот – Силиконската долина ја презема нашата реалност

Новите технологии, од игрите до „интернетот на нештата“, се интегрираат во секој аспект на нашите животи, во глобална мрежа која му служи на монополистичкиот капитализам.

Од мински полиња во Босна до воени бази во Индонезија, од Музеј на Холокаустот до амбасадата на Жулиан Асанж, се чини дека Покемоните се насекаде. Додека Покемон Го го освојува светот, саудиски свештеници ја обновија фатвата против серијалот и играта. Јапонските власти пак, објавија безбедносен водич како подготовка за официјалното лансирање на играта таму. Никогаш порано дигиталната реалност не била толку интегрирана во нашиот физички свет.

Стана дури и дел од претседателските избори во САД, кога Хилари Клинтон изјави дека не знае „кој ја создал Покемон Го, но сака да дознае како да има Покемони на изборите“. Вистината е дека Клинтон знае многу добро кој ја создаде играта. Тоа се нејзините пријатели од Силиконската долина.

Како да се објасни успехот на играта? Еден начин е да се следат парите, и тоа би било полесно да се објасни. Аугментираната, односно засилена реалност не е нешто ново. Се користи со години во војските и во системите за навигација. Она што ја прави играта новост е што аугментираната реалност е „мејнстрим“ за прв пат. Тоа треба да се разбере како историска промена, која вистински ќе го промени начинот на кој ја перцепираме и доживуваме реалноста. Ќе ја промени и самата реалност.

Аугментираната реалност, на некој начин е поинтересна од виртуелната реалност. Не го заменува реалниот свет со стимулиран, туку е софистицирана комбинација од двете. АР го интегрира дигиталното во реалното (преку користење на камерата на вашиот паметен телефон, го пренесувате дигиталниот Покемон во физичкиот свет), и реалното во дигиталното (вашето физичко тело станува дел од стимулираната реалност).
Покемон Го е создадена од Ниантик, чиј директор Џон Хенк е еден од основачите на Кихол. Тоа е пионерска компанија за развој на софтвер, која специјализира во визуелизација на геоспацијални податоци, која го поплочи патот за Google Maps и Google Earth. Keyhole стана сопственост на Гугл во 2004, како и Ниантик. Покемон Го не би била возможна без Гугл. Откако Гугл Глес доби огромни критики и проблеми со легислативата поради загрозувањето на приватноста и безбедноста, ова може да се смета за првиот успешен комерцијален чекор во правецот на овозможување на АР сонот на Гугл.

Токму затоа лажната наивност на Хилари Клинтон е многу важна. Таа мора да знае дека тоа е токму поранешниот извршен директор на Гугл, Ерик Шмит, кој ја води дигиталната компонента на нејзината кампања, преку стартап наречен The Groundwork. И мора да знае дека Шмит неодамна стана директор на бордот за иновации на Пентагон и дека меѓу јануари 2009 и октомври 2015, врвните директори на Гугл се собрале во Белата куќа на 427 различни пригоди. Очигледно има симбиотска врска меѓу Стејт департментот на САД и Силиконската долина. Но, зошто треба тоа да не загрижува?

Не треба да шпекулираме за тоа која е идеологијата на Силиконската долина. Доволно е да се прочита книгата на Питер Тиел, Zero to One: Notes on Startups, or How to Build the Future. Тиел, дел од таканаречената „Пејпел мафија“ и сопственик на Палантир, експлицитно вели дека „конкуренцијата е реликвија на историјата“ и дека монополистичкиот капитализам не е патологија или исклучок, туку состојба на секој успешен бизнис. Гугл е еден од најдобрите примери: речиси сите од „иновациите“ на Гугл се купен производ (од Гугл Мапс па се до Јутјуб).

Друг успешен пример, споменат од самиот Тиел, е Тесла Моторс: „Технологијата на Тесла е толку добра, што другите автомобилски индустрии зависат од неа: Даимлер користи акумулатори на Тесла, Мерцедес Бенц и Тојота користат мотор на Тесла. Џенерал Моторс создаде и тим кој ќе ги следи наредните чекори на Тесла. Но, најголемиот технолошки напредок на компанијата не е една компонента, туку нејзината можност да интегрира многу компоненти во еден супериорен продукт“.

Ова е најдобриот опис на монополистичкиот капитализам. Успехот на Силиконската долина не е резултат на гении, туку на потрошувачи – Гугл, Фејсбук, Епл или Палантир успејаа да создадат толку моќни и продорни монополи, токму поради купување на други компании.

Покемон Го е уште поголем чекор, бидејќи навлегувањето на Силиконската долина во најинтимните аспекти на нашите животи преку социјалните мрежи и новата технологија достигна ниво во кое нашата физичка реалност станува интегрирана во дигиталната. Наскоро, ќе биде тешко да се оддели физичкото од дигиталното, со што ќе ја сфатиме идејата зад Гугл Глес.

Покемон Го треба да се гледа како важен продор кој може да се дефинира соодветно ако се земе предвид тоталната колонизација која Силиконската долина ја прави преку „интернетот на нештата“ (апсолутна интеграција на нашите возила, домови и уреди во мрежата), „паметните градови“ (преземање на градските инфраструктури од Силиконската долина), социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер, Инстаграм), Гугл, иновации во транспортот (дронови, Тесла Моторс, итн,), „големи податоци“, тотално надгледување, вештачка интелигенција, виртуелна реалност, и за крај, бесмртност (сонот на Силиконската долина дека ќе ги прикачиме нашите мозоци на мрежата и ќе живееме засекогаш).

Сите овие полиња на масовни инвестиции и радикална иновација ја трансформираат нашата реалност на таков длабок начин, што секој аспект на нашите животи наскоро ќе бидат интегрирани во голема глобална дигитална „мрежа“ која веќе, за прв пат во човечката историја, овозможува создавање на константно поврзан глобален мозок.

Проблемот не е во технологијата или иновацијата, проблемот е монополистичкиот капитализам: фактот е дека сета оваа моќ е концентрирана во неколку компании од Силиконската долина, кои отворено сакаат да создадат храбар нов свет во кој технологијата му служи само на профитот. Додека сите ние сме зафатени играјќи Покемон, компаниите го следат советот на играта – „Треба да ги фатиме сите“. Но, во овој случај, ние сме фатени во неизбежната мрежа на технолошкиот конзумеризам.

Пишува Сречко Хорват, хрватски филозоф и коавтор на „Што сака Европа? Унијата и нејзините незадоволства“, заедно со Славој Жижек и „Радикалноста на љубовта“, за Guardian