Хорот „Вива вокс“ и балетот „Доктор Офболи“ денеска на Мајските оперски вечери

Во рамките на 44-те „Мајски оперски вечери“, вечерва со почеток од 20 часот, во Македонската опера и балет, концерт ќе одржи популарниот хор „Вива вокс“ од Белград. Хорот е основан пред 10 години од страна на група средношколци и нивната професорка и диригент Јасмина Лорин, а името го добива во 2005 година. Стилот на изведба на овој хор поминувал низ повеќе трансформации, но денес се смета за уникатен микс на автентични акапела интерпретации на поп-рок и алтернативна музика надополнета со битбокс.

За свое најголемо достигнување „Вива вокс“ го смета настапот во концертната сала на Генералното собрание на ОН во Њујорк во 2013 година, а настапиле и во големата сала на плоштадот „Тјананмен“ во Пекинг.

Во рамки на „Малите мајски оперски вечери“ денеска со почеток во 12:00 часот во МОБ ќе биде изведена и една од најгледаните детски балетски претстави „Доктор Офболи“. Автор на кореографијата на оваа претстава што децата ја следат со воодушевување е Михаил Крапивин, балет-мајстор од Русија.