„Хоризонтала и вертикала“ – изложба на Билјана Билбилоска

Вечерва со почеток од 20 часот во галеријата на Кинотека на Република Северна Македонија во Скопје ќе се отвори самостојната изложба на Билјана Билбилоска насловена „Хоризонтала и вертикала“.

На изложбата, како што се најавува, ќе бидат изложени дигитални графики создадени во текот на 2019-2020 година кои се инспирирани од средовековната византиска уметност, односно, се работи за спој меѓу византиската уметност и современите уметнички текови во сферата на графиката, заедно со современите алатки за ликовно изразување.

„Овие дела комуницираат со минатите времиња и со техниките на старите мајстори живописци. Затоа се толку длабоки, но во исто време и толку едноставни, како прочистени од талогот на историјата. Стилизацијата на византиската естетика е доведена до совршенство на минималистичкиот уметнички потег. Цртежот е остар и прецизен како напукнат кристал. Но графиките се само навидум црно-бели, колоритот е пригушен и раскошен, суптилно сокриен во енергијата на формата. Тие функциониираат како современи икони“,  вели за изложбата академскиот сликар Никола Пијанманов.

Ова е четврта самостојна изложба на Билбилоска која дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности на отсекот графика со графички дизајн. Досега групно се претставувала во Македонија,  Србија, Романија, Турција, Франција и САД.