ХОПС: Законот за медицинска марихуана е избрзан и полн со недостатоци

Законот со кој се дозволува легално користење на марихуната во медицината е полн со недостатоци и небулози, сметаат од организацијата ХОПС. Врз основа на анализата што ја направиле на законскиот текст, кој од синоќа е достапен на страницата на министерството, забележуваат дека законот во сегашната форма е далеку од тоа што треба да биде.

„Од она што може да го видеме и анализираме, гледаме многу недостатоци во законот и мислам дека една од главната причина за тоа е затоа што не беа вклучени луѓе коишто прилично добро ја познаваат проблематиката во неговата подготовка“, посочи Деков.

Пример за еден од недостатоците, Деков го посочи членот од законот кој вели дека луѓето не можат сами да одгледуваат канабис, туку исклучиво само правни лица кои треба да изградат ѕид од четири метри, а пред него да постават три котори на жица.

Тој смета дека законот е добра основа, бидејќи сега веќе има што да се анализира, но дека е далеку од тоа како треба да изгледа. Според Деков, законот не ги задоволува потребите на сите пациенти коишто ќе имаат потреба да го посадат канабисот, а ниту е наведено при кои состојби може да се користи медицинскиот канабис, во кои форми и каде може да се купи.

„Новиот закон не е нов, туку се измени на веќе постоечкиот закон за контрола на дрогите. Ние сметаме дека треба да се донесе посебен закон со којшто ќе се регулира медицинската употреба на канабисот во Македонија. Тој треба да обезбеди лесен пристап до некои лекови, вклучително маслото од канабис, во аптеки или специјални продавници, но законот треба да обезбеди и можност за сопствено одгледување за оние пациенти кои не се во сосотојба да ги купуваат лековите, или имаат желби сами да го подготвуваат својот лек. Нешто што постоечкиот предлог закон не го предвидува“, вели едукаторот и истражувач во ХОПС Влатко Деков.

ГРАЃАНИ БАРААТ СПАС ВО МАСЛОТО ОД КАНАБИС, ИАКО Е НЕЛЕГАЛНО

Според Ивица Цековски, доктор по општа медицина кој е дел од ХОПС, повеќе не е прашање дали марихуната е лек или дрога, со оглед на растечкиот број на докази за нејзината ефикасност во медицината.

„Трендот за дебата за медицинска марихуана не е нов и се должи на се повеќето докази за ефикасноста на канабисот кај одредени болести, како кај мултиплекс склерозата, некои форми на рак, епилепсија, некои од симптомите на ХИВ/СИДА, глаукомот, намалената телесна тежина. Сметам дека потребно е усвојување на соодветен модел што ќе ги задоволи потребите на луѓето коишто имаат потреба од канабисот“, вели Цветковски.

ХОПС го повикува Министерството за здравство да ги вклучи сите засегнати страна во изготвувањето на законот, кој според нив, мора да се доработи. Тие бараат  надлежните да обезбедат простор за стручна јавна дебата за изнаоѓање на најсоодветен модел за регулирање на медицинската употреба на канабис во Македонија.

Е.П.