ХОПС: Моника Конопова e жртвата – бараме постапување со должно внимание

По објавата на профилот на Моника Конопова дека синоќа нејзиниот татко ја претепал и се обидел да ја убие,  граѓанското здружение ХОПС најостро го осуди семејното насилство извршено од нејзиниот татко и ги повика институциите да постапат со должно внимание, да го истражат случајот, односно побараа сторителот да добие казна, а жртвата да ја добие неопходната помош и поддршка.

Понатаму, ХОПС искажа загриженост и најостро го осуди говорот на омраза кон жртвата, која дополнително беше изложена на ваквиот наратив поради фактот дека употребува канабис. Од организацијата бараат одделението за електронски криминал и ОЈО веднаш да преземат дејствија за откривање и процесирање на сторителите на говорот на омраза.

„Во 25 годишната работа, континуирано регистираме случаи на сериозно насилство врз луѓето кои употребуваат психоактивни супстанции, како во рамки на семејството така и од околината, на кое насилство надлежните органи реагираат со предрасуди и или воопшто не покренуваат постапки или не ги водат со должно внимание, само поради фактот дека жртвите се луѓе кои употребуваат психоактивни супстанции“, пишуваат ХОПС во својата реакција.

Од здружението велат дека нивното последно истражување само го потврдило најчестиот проблем со кој се соочуваат луѓето кои употребуваат психоактивни супстанции – насилството кое го трпат од своите блиски и семејството, од околината па дури и од оние кои би требало да ги штитат нивните права, овластените лица од полиција.

„Ваквиот вид на насилство е насилство од омраза, насилство родено од стигмата и предрасудите, нахрането со омраза, а охрабрено и поддржано од надлежните органи. Ваквите случаи на насилство, согласно нашето искуство најчесто завршуваат во полициските соби и ходници, нерегистрирано, непријавено, неказнето“, потенцираат од ХОПС.

Оттаму нагласуваат дека луѓето кои употребуваат психоактивни супстанции многу ретко и тешко се мотивираат да го пријават ваквото насилство, но и да  истраат во постапките дури и кога евентуално ќе се охрабрат да го пријават истото.

“Наместо да добијат третман на жртви и соодветна заштита како и сите останати граѓани, овие луѓе се соочуваат со дополнителна виктимизација и дискриминација од страна на надлежните органи како полиција, обвинителство и судот“, пишува во реакцијата.

Според билтенот на дневни настани на МВР, вчеравечер  во 22.30 часот на ул.„Антон Чехов“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Р.(64) од Скопје поради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело.

Претходно, неговата ќерка М.Р.(31) од Скопје пријавила дека околу 20.30 часот во семејниот дом на ул.„Антон Чехов“, по претходна расправија, таа и нејзината мајка К.Р.(62) од Скопје биле физички нападнати од нејзиниот татко С.Р.(64) од Скопје.

Под хаштагот #СоНеаСме, активистката Моника Ристовска доби и поддршка од корисниците на фејзбук преку споделување на објава која го осудува говорот на омраза и одобрувањето на извршеното насилство.

„Ако се прашувате како може некој да се смее на насилство врз жени или пак да го поддржува, тогаш треба да се запрашаме и кои жени општеството ги смета за недостојни и невредни за поддршка и заштита од насилство? Моника е активистка за легализација на канабисот, а на социјалните мрежи објавувала фотографии кои дел од јавноста ги смета за провокативни, па затоа според многу го провоцирала и заслужила насилството. Згрозени и загрижени, го осудуваме говорот на омраза кон Моника и одобрувањето на извршеното насилство. Даваме безрезервна поддршка со ставот дека ниедна жена не смее да биде жртва на насилство“, се вели во објавата.