Хонгконгшки активист доби 21 месец казна затвор затоа што фрлал јајца кон полициска станица

Судот во Хонг Конг вчера на 31-годишниот Пун Хо-чиу му одреди затворска казна од 21 месец поради тоа што во 2019 година, за време на еден протест, фрлал јајца врз полициска станица, пренесува „Индекс“.

„Иако јајцата не се оружје за масовно уништување, фрлањето на такви работи кон полициска станица предизвика незадоволство кај полициските службеници, ја поткопа работата на полициската служба и го загрози општеството“, соопшти судот.

Оваа пресуда доаѓа во време кога судовите се борат со илјадници случаи на апсења поврзнаи со минатогодишните политички немири. Големиот број на казнени прогони, како и притисокот за изрекување на строги казни, ги доведоа судиите во непријатна позиција.

Некои од судиите се соочија со критики затоа што биле премногу остри кон демонстрантите, додека други беа критикувани дека се премногу попустливи кон нив.

Адвокатската комора во Хонг Коног оваа недела соопшти дека „жали за ирационалните и неоправдани напади врз судството и неговите работници“, и ги повикаа медиумите да престанат да шпекулираат во однос на политичките убедувања на судиите.