Хонг Конг почна со масовно тестирање за Ковид-19, активисти повикуваат на бојкот

Хонг Конг започна со бесплатно тестирање на сите жители на коронавирусот, а оваа иницијатива на кинеските власти наиде на скептицизам во јавноста и меѓу здравствените работници, додека некои активисти повикуваат на бојкот, пренесува хрватски „Индекс“.

Иницијативата на кинеските власти за масовното тестирање ја започна тим од 60 здравствени работници кои дојдоја во Хонг Конг од други делови на Кина. Се работи за прва директна медицинска помош од Кина во овој полуавтономен град кој се бори со епидемијата на Ковид-19.

Бесплатното тестирање стана важно политичко прашање, а властите во Хонг Конг и во Кина тврдат дека критичарите на тестирањето ја напаѓаат иницијативата само за да се спротистават на централната влада.

Премиерката на Хонг Конг Кери Лам, рече дека е потребно тестирање за да се лоцираат асимптоматските случаи кои можат да станат носители на болеста и ги повика здравствените работници да го спроведат тестирањето „објективно и професионално“.

Спорот околу тестирањето доаѓа во чувствително време кога многумина од жителите на Хонг Конг, секоја иницијатива на Пекинг ја сметаат како обид за ограничување на нивните слободи, особено по усвојувањето на новиот закон за национална безбедност во јуни.

Кинеската иницијатива за бесплатно тестирање е покрената во време кога бројот на нови случаи на заразени во поранешната британска колонија значително опаѓа. Сепак, речиси 600 илјади луѓе се пријавиле за бесплатно тестирање, а луѓето чекаат во редови на некое од 141-то место за тестирање низ градот.

Продемократскиот сојуз на здравствени работници во Хонг Конг и некои активисти повикаа на бојкот на кинеската иницијатива.

Некои продемократски активисти посочија дека под превезот на тестирањето, владата сака да собере ДНК примероци на жителите на градот и да ги злоупотреби тие податоци. Кинеската влада ги отфрли тие критики, тврдејќи дека сите примероци ќе останат во градот.