Хонг Конг ќе им подари по 1.200 долари на своите жители

Хонг Конг ќе додели парични средства на сите свои полнолетни постојани жители со цел да го зголеми трошењето и да ги олесни финансиските тешкотии.

Како дел од нивниот годишен буџет, планирани се по 10.000 хонгконгски долари во кеш (1.280 американски долари) за околу седум милиони жители постари од 18 години.

Економијата на азиската провинција се справува со повеќемесечни насилни политички немири, а последниот период е погодена и од влијанието на коронавирусот. Во градот-држава има потврдено 81 случај заразен со Ковид-19 и два смртни случаи од вирусот.

„Економијата на Хонг Конг се соочува со огромни предизвици оваа година. По внимателна анализа, одлучив да доделиме по 10.000 хонгонгски долари на постојаните жители со цел да се зголеми локалното трошење, но и да се помогне на луѓето кои имаат финансиски потешкотии“, изјавил секретарот за финансии Пол Чан.

Властите истовремено ќе ја намалат и киријата за јавното домување, а ќе има и даночни олеснувања за даноците на доход и имот.

До 2021 година се предвидува буџетскиот дефицит на Хонг Конг да се искачи на рекордни 18 милијарди долари.