Хомофобија и Град Скопје – три години заедно на фестивалски постер од Ноќни Волци

Градот Скопје веќе трета година по ред поддржува фестивал кој на својот промотивен материјал шири хомофобија преку поставување на знак – забрането за хомосексуалци, реагираат здруженијата за човекови права. Оттаму посочуваат дека на постерот, со кој Мото-клубот „Ноќни Волци Македонија“ го најавува Фестивалот, стои хомофобичниот знак од двајца мажи во сексуална поза пречкртан со црвено, веднаш покрај забраната за присуство на сатанисти (симболички обележано со 666), животни, оружје, ножеви и запаливи материјали.

nokni-volci-2015

ЛГБТИ Центарот за поддршка, Субверзивен фронт и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ најостро го осудија тенденциозното ширење на говор на омраза, хомофобија и дискриминација од организаторите и од Градот Скопје, како официјален покровител на настанот.

„Јасно ни е дека организаторите на овој фестивал покажуваат целосно отсуство на основните цивилизациски придобивки и почитувањето на човековите права на сите, но сметаме дека е апсолутно недозволиво Градот Скопје, со пари кои ги собира од даноците на сите нас граѓаните да ја продолжува оваа хомофобична и дискриминаторска практика“, посочуваат од Коалицијата, откаде бараат Градот Скопје веднаш да го повлече спонзорството на фестивалот, да им се извини на граѓаните, но и да преземе активности со кои ќе ги покаже своите заложби за недискриминација и почит и толеранција кон ЛГБТИ граѓаните. Тие повикаа на јавен бојкот на фестивалот, а најавуваат тужби и претставки против организаторите и Градот Скопје.

Радио МОФ исконтактира со Ленин Јовановски од „Ноќни Волци Македонија“ кој негира дека на постерот стои хомофобичен знак.

„Не е спротивен на законот, со знакот се забранува секс на јавно место, не знам каде видовте двајца мажи на него“, вели Јовановски. Тој додава дека настанот е од отворен карактер и може да присуствува кој сака.

И покрај ваквите најави, во манифестот на „Ноќни волци Македонија“ хомосексуалците се поистоветуваат со лицата како наркодилер или педофил.

„Ние секогаш отворено ги декларираме своите принципи, па и во однос на луѓето кои не можат да бидат НОЌНИ ВОЛЦИ. Без намера некого да дискриминираме , навредиме или сожалуваме, во нашето семејство не може да има наркоман, наркодилер, педер, педофил и човек кој прави дела или со себе носи идеи и симболи на злото и сатанизмот. Таквите луѓе не се за нашиот пат“, велат во својот Манифест „Ноќните волци“.

Од Град Скопје, како главен покровител на настанот, велат дека во постапките за доделување на средства на невладините организации строго да ги почитуваат критериумите и основните права на сите заедници, малцинските и маргинализираните групи.

„Оттука, тоа е принцип кој е испочитуван и во случајот на “Ноќните волци“, кои аплицирале со афирмативен проект,  во кој со ништо  не најавуваат активности кои се спротивни на критериумите и основните принципи за заштита на човековите права Град Скопје , доколку се утврди дека некои од проектите имаат дискриминативен карактер  се оградува  од нив и во иднина ќе го преиспита пристапот до средства од буџетот за организациите кои не ги почитуваат критериумите и принципите“, се вели во нивниот одговор до Радио МОФ.

Истата ситуација со настан организиран од „Ноќните волци“, потсетуваат од Коалицијата,  се случи во 2010 и 2011 година, кога беа испратени претставки до Народниот правобранител и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Тогаш реагираше Народниот правобранител од каде беше упатена опомена до Градот Скопје.

Знакот (лево) којшто стои и на постерот за Фестивалот, на кој има двајца мажи во сексуален контакт и лесно може да се најде на интернет, во светот вообичаено се препознава како хомофобичен знак.

Ј.Ј.