„Импресивна медитација за процесот на создавање документарец“, е оценката што реномираниот „Холивуд рипортер“ го напиша за „Бикини Мун“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски.
Во рецензијата, што ја напиша реномираната американска филмска критичарка Дебра Јанг, се вели дека „’Бикини Мун’ на Милчо Манчевски, животворен филм што провоцира на размисла, оди по работ на експерименталната категорија, а ликовите се циничен филмски автор, либералка со меко срце и непредвидлива скитница која има скриено богатство. Филмот е елегантен, со њујоршка кул иронија која лесно те вовлекува… Со допир час лесен, час тежок, наизменично трогателен, лажно циничен и безобразен, режисерот има целосна контрола на комплексниот материјал“.
Јанг вели дека главна фасцинација во филмот е енигматичната Кондола Рашад и нејзината повеќеслојна игра како харизматичната но ментално пореметена воена ветеранка од Ирак. Таа исто така смета дека „Бикини Мун“ е нејзин втор омилен филм од Манчевски по „Пред дождот“, а „на некој начин, како користењето на актерите, е и посовршен од неговиот најзначаен филм“.
„Бикини Мун“, првиот американски филм на Манчевски, е снимен во Њујорк. Светската премиера беше во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија, Белград и Софија, Истанбул, Франкфурт, Нешвил, Менхетн, Сарасота, Шангај и други, а следува и американската кинопремиера.
Македонската премиера беше во Скопје на 22 март, а потоа продолжи да игра низ кината во Македонија.
Критиката во САД, Бразил, Португалија, Бугарија, Србија и Македонија го нарекува филмот: „Брилијантен авторски филм“, „Фасцинатна приказна“, „Целосно свежо и оригинално дело на маестрален режисер“, „Милчо, провокативен како и секогаш, го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество“, „Филмот на Милчо Манчевски прашува колку е јавноста манипулирана од медиумите“, „Жестока глума на Кондола Рашад“, „Повеќеслоен лажен документарец кој ги истакнува мааните на либерализмот на милениумската генерација“, „ Бескомпромисното критички настроено авторство.“, „Потсетник за благородноста што уметноста може да ја досегне“, „Ова е филмот кој ‘Обликот на водата’ сакаше да биде, ама не знаеше како“.