Холандските градови бараат да се легализира одгледувањето канабис

Повеќе холандски градови од властите побараа да се декриминализира одгледувањето канабис и големопродажбата што се уште се нелегални иако граѓаните од 1976 година имаат лесен пристап до неа во бројните „кофи-шопови“.

По Вашингтон и Колорадо, се бара легализирање на марихуаната и во Алјаска

Осум од десет најголеми холандски градови, меѓу кои Амстердам и Ротердам, го потпишаа ваквото барање. Холандија е позната како земја која има толерантна политика кон употребата и продажбата на мариухуана на мало, но потписниците на барањето сметаат дека е дволично тоа што одлгледувањето на оваа култура и понатаму е забрането со закон.

Претставниците на 35-те општини, кои се собраа на средба во Утрехт, нагласија дека поради забраната, кафетериите во кои се продава марихуана често се принудени да купуваат канабис од криминални групи.

Холандскиот министер за финансии за AFP вели дека не би можел да каже колку точно државата заработува од лиценцираните кафетерии каде е достапна марихуаната.

„Ние сакаме одгледувањето канабис да биде регулирано, националниот пазар да биде потранспарентен и да се намали влијанието на организираниот криминал”, се наведува во барањето потпишано од холандските општини.

Министерот за правда Иво Опстелтен пак го одбива предлогот и смета дека тој нема да го реши проблемот. Тој се понуди да им помогне на општините да се справат со криминалот поврзан со канабисот, главно преку зголемување на бројот на полицајци. 80 отсто од канабисот одгледан во Холандија, Опстелтен тврди дека оди за извоз.

Според последните податоци, од даноци од „кофи-шопови“ Холандија годишно заработува по неколку милиони евра.