Холандски стартап создаде јакна за бездомници на која електронски ќе се донираат пари

Независната компанија од Амстердам N=5, создаде „бесконтактна јакна за плаќање“ која може да им помогне на бездомниците.

Јакната го носи името „Helping Heart“, а е наменета за бездомници. Во неа има вградено уред на кој минувачи ќе можат со електронска картичка да им донираат средства на оние кои имаат потреба од нив.

Силвија ван Хуфт, дел од тимот на N=5, вели: „Пред се, овие денови имаме навика да носиме малку или воопшто кеш. Второ, повеќето луѓе сакаат да им помогнат на бездомниците, но чувствуваат дека преку давање пари само ја поддржуваат зависноста на повеќето од нив. Затоа, се запрашавме како може да им олесниме на луѓето на кои навистина им треба помош?“.

Палтото изгледа вообичаено: има качулка и е обложено со дебел материјал за на оној кој го носи да му биде топло. Предниот дел од јакната има симбол за бесконтактно плаќање, со симболот на „Helping Heart“, како и лимитот во евра кој луѓето можат да го донираат.

Доколку минувач сака да донира, треба само да помине со кредитната картичка преку читачот, и едно евро се повлекува од неговата банковна сметка.

Освен тоа, постои начин да се спречи донираните пари да бидат искористени за некаква зависност, како за дрога или алкохол. Парите не одат кај бездомникот како кеш, туку во замена за стока. На тој начин, можат да си платат да преспијат некаде, да се истушираат или пак за храна.

Неколкумина бездомници веќе ја тестирале јакната, која се уште е во фаза на прототип, а повеќето од нив имаат одлично мислење, велат од компанијата.