Холандски новинари ги хакираа Твитер профилите на локални политичари за сторија

Двајца холандски новинари од локалниот телевизиски канал RTL Nieuws решиле да покажат колку е слабо обезбедувањето на личните податоци и профилите на социјалните медиуми, преку хакирање на профилите на Твитер на значајни политичари.

Новинарите Даниел Верлаан и Сиебе Сиецма ги откриле податоците за профилите на двајца локални политичари во „протечени“ датабази, ја пробиле енкрипцијата на пасвордите и „твитале“ од прфилите на политичарите.

Оставиле досетлива порака, која се преведува како: „Овој профил „протекува“ и е ранлив на хакери. Со потпис, @danielverlaan и @siebesietsma од @rtlnieuws“, заедно со линк до веб страницата каде ја објавиле веста. RTL Niews тврди и дека новинарите се здобиле со пристап до социјалните медиуми на други, сѐ уште необјавени политичари.

Кис ван дер Сааиј, еден од хакираните политичари чиј пристап до државни тајни го прави можна мета на хакерите, сѐ уште не одговорил на нападот.

Во принцип, она што новинарите го направија е илегално во Холандија, и може да биде казнето со една година затворска казна. Но, во овој случај RTL ќе се брани со фактот дека хакирањето е направено за новинарска сторија, и нема направено штета. Според телевизијата, ги хакирале профилите на политичарите бидејќи „се работи за значаен и актуелен проблем“.

Иако нивниот метод е можеби сензационалистички и неодговорен, други медиуми пишуваат дека таквиот проактивен метод е добар начин да се потенцира ризикот од хакирање.