Холандски граѓани ја тужеа државата за глобално затоплување и го добија случајот

Во случај кој претставува преседан во холандското правосудство, 886 граѓани ја добија тужбата против владата на оваа земја за „свесно придонесување“ кон глобалното затоплување и непреземање мерки да се спречи зголемување од два целзиусови степени на просечната температура на земјината површина.

Во пресудата, Судот во Хаг и наредува на холандската влада да усвои цели на намалување на испуштањето на штетните гасови за најмалку 25% во следните пет години, прогласувајќи ги претходните цели (14-17% во споредба со нивоата од 1990) за незаконски, со оглед на заканата што ја носи глобалното затоплување.

Тужбата ја поднело здружението на граѓани Urgenda, а таа е прва од ваков вид, па се шпекулира дека би можела да предизвика домино-ефект во многу држави. Слични тужби веќе се во подготовка во Белгија и на Филипините.

Во пресудата, судиите велат: „Државата не би требала да се крие зад аргументот дека решението за глобалното затоплување не зависи само од напорите на Холандија. Секое намалување на испуштањето штетни гасови придонесува за превенцијата на опасните климатски промени, а Холандија како развиена земја треба да предничи во ова“.

Холандски граѓани ја тужеа државата за глобално затоплување и го добија случајот

Жителите на ниските и крајбрежни држави се во посебен ризик од растечките нивоа на морињата и океаните, а холандските граѓани имаат посебни причини за загриженост. Поголемиот дел од енергијата во државата се уште доаѓа од јаглен и од гас, а земјата е далеку зад Германија, на пример, кога се во прашање обновливите извори на енергија. Оваа пресуда врши притисок врз државата за затворање на термолектричните централи на јаглен и за престанок на екстракцијата на гас, во исто време стимулирајќи ја да инвестира во капитални проекти поврзани со обновливата енергија.