Холандски фотоновинар убиен во Либија

Џероен Орлеманс, холандски новинар кој известувал за војните во Сирија, Либија и патот на бегалците низ Европа, беше застрелан од снајперист.

Орлеманс бил убиен во неделата, додека работел со тим кој чисти мини во дел од градот кој бил ослободен од ИСИС, според националната холандска телевизија Nos, и белгискиот весник Knack. И двата медиуми се повикале на новинарката Џоуни де Ријке од Knack, која известувала од Либија заедно со Орлеманс.

Холандскиот амбасадор во Либија, Ерик Стратинг, твитнал: „Почивај во мир. Твоите фотографии од Сирте , Либија и други места ќе живеат засекогаш“.

Министерот за надворешни работи Берт Коендерс изјавил дека „Орлеманс е новинар кој продолжуваше онаму каде што другите запираа. Поттикнат да ги преточи вестите во фотографии од „жешките точки во светот“. Особено е тажно тоа што за тоа ја плати најголемата казна“.

Орлеманс, кој има 45 години, зад себе остави сопруга и три мали деца. Требало да се врати дома денес.

Бил киднапиран и ранет во Сирија во 2012, заедно со британскиот фотограф Џон Кентлај, а потоа биле ослободени после една недела. Кентлај бил повторно заробен и се верува дека е сѐ уште заложник на ИСИС.

Орлеманс има известувано од војните во Авганистан, Сирија и Либија и патувањето на мигрантите низ Европа. Заврши фотоновинарство во Лондонскиот колеџ за комуникација.

Особено е тешко и опасно за новинарите да работат во Либија, која е во хаос од бунтот во 2011 кој го симна и уби либискиот лидер Муамер Гадафи. Голем дел од државата го водат локални и племенски паравоени формации, а исламистичките милитанти исто така држат дел од територијата.