„Дали некој од вас бил заљубен?“ им го упати прашањето Anniek Pheifer на група ученици од основно училиште во Холандија. Децата на ова прашање реагирале со насмевка, а рацете речиси сите биле во вис.
Едно пролетно утро во Утрехт, салата за спорт во основното училиште „St. Jan de Doper“ била полна со балони во облик на срце и конфети. Pheifer и Pepijn Gunneweg се водители на детска телевизиска емисија во Холандија и им пееја песни на децата за заљубувањето.
Ова беше дел од манифестацијата „Пролетна треска“ која трае една недела во основните училишта низ Холандија и има за цел да им одржи предавања за сексуално образование на четиригодишни деца.
Меѓутоа, тоа не се однесува само на деца на оваа возраст. Децата до осумгодишна возраст учат за сликата која ја имаат за себе и родовите стереотипи. Децата кои имаат 11 години разговараат за сексуалната ориентација и опциите кога станува збор за контрацепција. Но, во Холандија, пристапот познат како „сеопфатно сексуално образование“ започнува уште на возраст од четири години.
И покрај тоа, никогаш не може да се слушне експлицитно спомнување на сексот во градинка, туку изразот кој се користи е образование за сексуалноста, а не за сексот. Причината за тоа е поголема цел, вели Ineke van der Vlugt, експерт за сексуалниот развој кај младите од Холандскиот истражувачки институт Rutgers WPF, кој се занимава со сексуалноста и кој ја осмисли оваа програма. Станува збор за отворени, искрени разговори за љубовта и врските.
Според законот, сите ученици во основните училиште во Холандија мора да добијат некаков вид образование за сексуалноста. Системот дозволува флексибилност кога станува збор за начинот на кој ќе се обработи оваа тема, но мора да се однесуваат на одредени клучни принципи, меѓу кои се сексуалната разноликост и самодовербата.
Тоа значи дека учениците се поттикнати да ги почитуваат сите сексуални ориентации и им помагаат да развиваат вештини со кои ќе се заштитат од сексуална сексуални притисоци, заплашување и злоставување.
Основниот принцип е јасен: Сексуалниот развој е нормален процес што го искусуваат сите млади луѓе и тие имаат право на искрени и доверливи информации на таа тема.
„Друштвото беше загрижено дека сексуализацијата во медиумите би можела да има негативно влијание на децата“, вели van der Vlugt.
„Затоа сакавме да покажеме дека сексуалноста, исто така има врска со почитувањето, интимноста и безбедноста“.
Повеќе од превентивни делувања
Холандскиот пристап на сексуално образование го сврте меѓународното вниамние, најмногу поради тоа што Холандија може да се пофали со најдобри резултати кога станува збор за сексуалното здравје кај тинејџерите.
Во просек, тинејџерите во Холандија немаат сексуални односи порано од своите врсници во другите европски земји или во Америка.
Истражувањето спроведено меѓу младите на возраст од 12 до 25 години во Холандија, покажуваат дека кај поголемиот дел од младите, првото сексуално искуство било „посакувано и забавно“. Во споредба со тој податок, 66 отсто од сексуално активните тинејџери во Америка, за истата анкета кажале дека се каат што не почекале да стапат за првпат во сексуален однос.
Според истражувањето на институтот Rutgers WPF, девет од десет холандски тинејџери користеле заштита при првиот сексуален однос, а податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека холандските тинејџери се на врвот кога станува збор за користење пилули за контрацепција. Според податоците на Светска банка, прагот на бремени тинејџерки во Холандија е еден од најниските во светот, дури пет пати понизок од оној во Америка. Бројот пак, на заразени од вирусот HIV и многу други преносливи болести е, исто така, низок.
„Мораме да им помогнеме на младите да го разберат изборот кој е пред нив и да стојат позади себе во секакви ситуации, било тоа да е од сексуална природа или некои други“, смета van der Vlugt.
Постојат повеќе фактори кои придонесуваат за овие бројки. Достапноста на контрацепција е еден од нив. Кондомите, на пример, можат да се купат од автомат, а пилулите за контрацепција се бесплатни за младите под 21 година. Сепак, се повеќе истражувања, најголемата заслуга ја препишуваат на сеопфатното сексуално образование.
Скоро истражување на универзитетот во Џорџтаун покажало дека воведувањето на сексуалното образование во основните школи помага да се избегне несакана бременост, смрт при породување, ризични абортуси и голем број преносливи болести.
Според поднесителите на моделот во Холандија, овој пристап не служи само за спречување на овие ризици. Нивниот модел на сексуално образование има поширок фокус на правата, одговорноста и почитувањето кај младите луѓе, што многумина сметаат дека е основа на сексуалното здравје.
Извештајот на Обединетите Нации од 2008 година открива дека сеопфатното сексуално образование, кога се подучува ефективно, овозможува младите луѓе да „ги истражат своите ставови и вредности, како и да вежбат донесување одлуки и други животни вештини кои ќе им бидат потребни со цел да донесуваат информирани одлуки за својот сексуален живот“.
Учениците кои го поминале сеопфатното образование во Холандија, исто така се посигурни и подобри при комуниџирање, покажува истражувањето на независната здравствена организација што ја оценуваше холандската програма.