Холандија ќе претседава со ЕУ од зграда направена со 3Д печатач

Холандија, која на почетокот на годинава го презема претседателствувањето со Европската унија, канцелариите за оваа намена ги смести во зграда направена со помош на 3Д печатач.

Студиото DUS Architects ги комбинира 3Д печатените биопластични структури и фасадната ткаенина, за да создаде фасада во вид на скулптура за зградата во која ќе се одржуваат ЕУ средбите.

Амстердамското студио две години работело на проект за изградба на првата пловна куќа направена со 3Д печатач, по што одлучиле овој принцип да го применат и за монтажната зграда на ЕУ во Холандија.

Оваа привремена структура ќе биде местото каде ќе се одржуваат состаноците на претседателството на Советот на ЕУ за време на шестмесечниот период во кој претседава Холандија. Потоа претседателството со ЕУ се сели во Словачка.

Зградата има околу 700 квадратни метри, се состои од закривени бели панели добиени со 3Д печатење и составени на лице место.

Клупите, исто така, се добиени со 3Д техника и поставени се во предниот дел на зградата.