Холандија инвестира стотици милиони евра за да привлече повеќе луѓе на велосипеди

Холандската влада ги објави плановите со кои ќе потроши дополнителни 245 милиони евра за велосипедската инфраструктра. Оваа сума ќе биде додадена на оние 100 милиони евра што државната секретарка за инфраструктура Стиење ван Велдховен минатата година ги вети за подобрување на паркинзите за велосипеди и велосипедските патеки што ги поврзуваат градовите. Таа вели дека целта е да се привлечат дополнителни 200.000 Холанѓани да користат велосипеди.

Грантовите на централната влада сочинуваат 40% од инвестициите во велосипедската инфраструктура, додека регионалните власти ги обезбедуваат останатите. Велосипедската инфраструктура во Холандија постојано се подобрува. Најновата иновација е „snelfietsroute“ – автопат за велосипедисти. Околу 650 километри се изградени од 2015 година. Овие брзи велосипедски патеки ги поврзуваат градовите кои се оддалечени петнаесетина километри, и им даваат на велосипедистите поголем приоритет на крстосници од автомобилите.

Регионалниот заменик на областа Дренте , Хенк Бринк, изјави: „Сакаме да ги направиме постоечките велосипедски патеки поатрактивни – пошироки и побрзи – така што луѓето ќе го изберат велосипедот наместо автомобилот”.

Новиот план вклучува додавање на 25.000 паркиралишта за велосипеди, вклучително и на централната станица во Амстердам, станицата Херлен и Ротердам Централ. Во Холандија 17 милиони луѓе поседуваат 23 милиони велосипеди.

„Холанѓаните возат велосипед често, но, сепак, повеќе од половина од патувањата во автомобилите што ги правиме се пократки од 7,5 километри”, изјави ван Велдховен.

„Ако секој што би можел да вози велосипед го стори тоа, тоа ќе направи огромна разлика, вклучувајќи и намалување на сообраќајниот метеж”.

Две третини од холандското население живее под нивото на морето, во густо населени области. Оддалеченоста меѓу градовите е кратка, а урбанизмот од 1960-тите години направи Холандија да има помалку трговски центри надвор градовите, за разлика од другите земји во Европа.

„Кратките растојанија меѓу домот и објектите (како што се канцеларии, продавници, училишта, локации за ноќен живот, станици, спортски центри, итн.) во Амстердам помагаат во привлекување на велосипедизмот како форма на транспорт”, велат од туристичкиот одбор на Амстердам. „Велосипедизмот е основен дел од холандската култура”, додаваат.