ХИВ епидемија во Пакистан поради несовесен педијатар

 Повеќе од 400 луѓе од кои повеќето деца се тестирале позитивни на ХИВ откако доктор во село во јужниот дел на Пакистан користел контаминиран шприц.  Во околината беа поставени оддели за проверка кои постојано се исполнети со луѓе во паника. Во секој момент има десетици татковци и мајки кои со страв чекаат заедно со своите деца да бидат тестирани, јавува Ал Џазира.

Причините за огромниот број на ХИВ заразени луѓе, според властите, е употребата на нехигиенска опрема. Епидемијата силно го погоди сиромашното село кое во голема мера се потпирало на локалниот педијатар, велат од Министерството за здравство во Пакистан. Истрагата покажала дека и самиот доктор бил позитивен на ХИВ.

Оваа држава и досега беше втора на листата земји во Азија по број на ХИВ случаи, главно поради големиот број на корисници на дрога, проституција и малку информации за болеста. Со епидемијата дополнително е погодена иднината на децата кои се оштетени доживотно, велат загрижните родители.

„Никој нема да сака да си игра со мојата ќерка, нема никогаш да се омажи, осакатена е доживотно“, вели еден од нив.

Дополнителен проблем е немањето пристап до поволни услови за здравство, малиот број на болници како и неквалитетните доктори кои во најголем дел работат во јужните и сиромашни делови. Причините за лошото здравство според локалните жители е штедењето на владата и недоволно инвестирање во оваа област.