Хидроцентралите и рудниците да не се градат без да се прашаат граѓаните, бараат екологистите

Прогласувањето на рудниците како и на големите и малите хидроенергетски проекти за градби од државно значење е неприфатливо бидејќи претставува закана за природните подрачја во земјава, стои во обраќањето до јавноста на граѓанската организација „Еко-свест“. Тие реагираат на новиот предлог-закон за урбанистичко планирање, кој се наоѓа на втора по ред јавна расправа во Собранието.

Граѓанските еколошки организации веќе подолго време предупредуваат дека изградбата на малите хидроцентрали во природните подрачја, посебно во заштитените предели или природни убавини кои се во постапка за прогласување на нивна заштита од страна на државата, сериозно ќе го наруши не само природниот амбиент и исклучителните вредности на тие предели туку ќе ги загрози па дури и уништи живеалиштата на многу ретки или ендемични растителни и животински видови.

„Недозволиво во законот да пишува и „други видови подрачја и градби од државно значење“, бидеќи тоа остава простор за толкување по потреба и манипулација. Потребно е дообјаснување и дури и такстивно набројување кои се тие други подрачја“ – рече Давор Пехчевски од „Еко-свест“.

Владата пред еден месец додели дури 18 концесии за изградба на мали хидроцентрали, но, соочена со притисокот од граѓанските здруженија, како и поради најавите за протести на локалното население, ја поништи постапката за доделување на концесија за хидроцентралата Жировница 3 во Националниот парк Маврово. Прашан за тоа зошто неговото министерство дозволува изградба на мали ХЕЦ во природни подрачја, министерот Садула Дураки неодамна изјави дека не сите добиле можност да градат хидроцентрали.

Вице-премиерот Кочо Анѓушев преку неговата компанија „Фероинвест“ е дел од конзорциумот што доби концесија за 21 мали хидроелектрани и е едно од имињата кои најчесто се спомнуваат кога е во прашање владината стратегија за изградба на вкупно 160 мали хидроцентрали. Меѓу другите, во негова сопственост е и една од хидроелектраните на Брајчинска река која е дом на ендемската преспанска пастрмка.

Претседателот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, за време на чиешто владеење се доделени преку 80 концесии за мали хидроцентрали, Христијан Мицкоски, пак, е сопственик на малцински удел во фирмата „Енерготек“, компанија која овој бизнис го развива во Источна Македонија.

Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, на меѓународната конференција посветена на зачувувањето на балканските реки што неодамна се одржа во Скопје изјави дека потрагата по обновливи извори на енергија треба да се насочи кон подрачја кои не се заштитени и во кои, со изградба на објекти за производство на електрична енергија нема да се загрози природата и биодиверзитетот, воедно потенцирајќи го значењето на хидропотенцијалот на реките.

„Целосно е нелогично да е скратено учеството на јавноста во изработување на урбанистички планови за големи инфраструктурни проекти како рудници, хидроелектрани и патишта коишто скоро неизбежно се поврзани со влијанија врз природно и културно наследство, зафаќање на земјоделски и други приватни површини, па дури и присилно раселување на население“ вели Пехчевски од „Еко-свест“. Екологистите апелираат до пратениците да не гласаат за закон со вакви недостатоци. Наредната недела во Собранието на ред е амандманска расправа по овој предлог законот за урбанистичо планирање.

Извор: Мета