Хера упати повик до Владата да ја направи контрацепцијата достапна за сите девојки и жени, а по повод Меѓународниот ден на контрацепцијата, 26 септември, чија цел е да се подобри свеста за проблемот и да им се овозможи на младите да направат информирани избори за сопственото сексуално и репродуктивно здравје.
„ Денес, повторно потсетуваме дека во нашата земја модерната контрацепција не е достапна за младите, жените и паровите, со што сериозно им се загрозува репродуктивното здравје и животот на граѓаните“, велат од ХЕРА.
Стапката на употребата на модерна контрацепција во земјава е 12,8% , со што спаѓа во дел од државите со најниска стапка на употреба на контрацепција во Југоисточна Европа и европскиот регион.
„ Сѐ уште ниту едно контрацептивно средство не е ставено на позитивната листа на лекови, односно не е покриено со осигурувањето. Иако Министерството за здравство се заложи за обезбедување бесплатна контрацепција за сиромашните и ранливите групи жени, оваа мерка не се спроведува во пракса, поради отсуство на механизам за набавка и дистрибуција на контрацептивите. Во училиштата нема сеопфатно сексуално образование и со тоа државата го ограничува правото на младите да добијат точни и научни информации како да го заштитат сопственото здравје. Иако 36.5% од младите жени на возраст меѓу 20-24 години имале потреба од контрацепција, а истата не биле во можност да ја добијат“, информираат од ХЕРА.
Од ХЕРА потсетуваат дека ставањето на модерната контрацепција на позитивната листа на лекови е дел од Владината програма во областа на здравството до 2020 година и бараат нејзино спроведување без никакво одложување.