ХЕРА: Владата да ги гарантира услугите за сексуално и репродуктивно здравје во време на пандемијата

Буџетите за финансирање на услугите за репродуктивно и сексуално здравје да не бидат намалени или стопирани, апелираат до Владата од невладината ХЕРА.

Оттаму бараат граѓанските организации кои обезбедуваат услуги на терен за ХИВ и за репродуктивно здравје за маргинализираните групи, да продолжат со работа со цел да се гарантира континуитет во комуникацијата и во поддршката на заедниците за услугите кои им се потребни, вклучувајќи и кондоми и лубриканти за превенција од непланирана бременост, ХИВ и сексуално преносливи инфекции.

Покрај ова, од ХЕРА посочуваат дека правата и изборот на жените во врска со нивното сексуално и репродуктивно здравје треба целосно да се почитуваат, без разлика на настанатата криза.

,,Кај бремените жени и новороденчињата се случуваат низа физички промени и промени во развојот на фетусот, што ги прави особено ранливи на вирусни респираторни инфекции како што е и КОВИД-19. Затоа на бремените, без разлика дали се суспектни или се инфицирани со КОВИД-19 не смее да им биде отежнат пристапот до неопходна медицинска поддршка. Ова вклучува и континуирана антенатална грижа, зачувување на менталното здравје и психо-социјална поддршка”, забележуваат од ХЕРА.

Според нив, намалувањето на услугите за сексуално и репродуктивно здравје негативно ќе се одрази врз квалитетот на животот на пациентите кои се здравствено осигурани или добиваат бесплатна здравствена заштита, особено на жените, девојките, маргинализираните и социјално-ранливите групи.

,Намалениот пристап до услуги за планирање на семејството го зголемува ризикот од непланирана бременост. Непристапноста или затворањето на родилиштата може да доведе до зголемување на мајчината смртност, што веќе се случува во некои региони во светот погодени од пандемијата. Затворањето на училиштата често доведува до зголемена сексуална активност кај младите, а доколку постои недостиг на кондоми и модерна контрацепција се зголемуваат и можностите за адолесцентни бремености, што понатаму би довело до осипување на девојчињата од образовниот систем и негативно би влијаело врз нивниот натамошен развој и живот”, велат од невладината.