ХЕРА: Тодоров нема аргументи за законот за абортус

Во отсуство на аргументи и научна мисла за предлог законот за абортус, Министерот за здравство се обидува со ароганција и непримерност да дисквалификува 72 организации кои поднесоа барање за повлекување на законот, притоа нарекувајќи ги ЛГБТ организации кои немаат легитимитет да расправаат за оваа прашање, реагираат од организацијата ХЕРА за вчерашните изјави на министерот Никола Тодоров.

„Министерот во немоќ се обидува топката, од полето на женските права за слобода и избор за абортус, да ја префрли на ЛГБТ прашањата за што е убеден дека е победнички чин, меѓутоа не сваќа дека единствено што ќе предизвика е само продолжение на веќе востановениот хомофобичен говор на оваа власт. Со оваа изјава Тодоров само признава дека не бил подготвен да се справи со познавањата за женските права демонстрирани од страна на невладините организации, па сега наметнува поинаков дискурс на расправа, со цел да фрли анатема на голем дел од граѓанскиот сектор и да го прогласи како ултралиберален“, соопштуваат од ХЕРА.

Според граѓанската организација, точно е дека дел од овие организации работат на подигање на културата, правата и правната заштита, здравствената превенција и унапредување на здравјето на ЛГБТ лицата, но исто така е точно и дека Министерството за здравство работи за ЛГБТ популацијата преку Национална стратегија за ХИВ/СИДА 2012 – 2016 (усвоена Јануари 2013) и проектот на Глобалниот Фонд за ХИВ/СИДА, каде главен имплементатор е токму Министерството.

„Се разбира ако концептот на слободи и човекови права на жената за избор за планирање на родителството е ултралиберален тогаш со сето срце прифаќаме и изјавуваме гордо дека сме ултралиберални. Нема да потклекнеме на познатите игри и интриги на Министерот и со засновани аргументи ќе продолжиме да се бориме против овој штетен закон“, реагираат од ХЕРА.

Министерот за здравство, Никола Тодоров, вчера изјави дека не прифаќа мислење за законот за прекин на бременоста од страна на ЛГБТ организации и активисти.