ХЕРА: Сексуални права за сите – незнаењето не е став

ХЕРА: Сексуални права за сите - незнаењето не е ставПо повод 12-ти август, Меѓународниот ден на младите, младите волонтери активисти на ХЕРА побараа сексуални права за сите и ја истакнаа важноста на сексуалните права за сите млади луѓе во нашата земја во време кога пред нив се испречени многу предизвици.

„На овој значаен ден за нас младите сакаме да ја истакнеме важноста на сексуалните права за сите млади луѓе во нашата земја. Младите луѓе се сексуални битија. Тие имаат потреби, желби, фантазии и соништа. Важно е за сите млади луѓе да можат да ја истражуваат, искусат и да ја изразат својата сексуалност на здрав, позитивен, задоволувачки и безбеден начин. Сексуалните права се човекови права кои се однесуваат на човековата сексуалност и како такви се дел од корпусот на човековите права. Нивното целосно остварување овозможува целокупен развој и напредок на секоја личност. Често пати сексуалните права се завиени со доза на игнорирање, отфрлање, страв, непознавање, митови. Исто така, сексуалните права не ретко биле прекршувани, потиснати, неисполнети или пак ставени на маргините“, стои во соопштението од ХЕРА.

Оттаму посочуваат дека сексуалните права се нашето секојдневие, а не апстрактна теорија која е само некаде запишана.

„Кога родителите ќе ја свртат главата и нема да одговорат на прашањето на детето за раѓањето, кога девојката не може да добие преглед затоа што студира надвор од градот во кој што живее, кога некој ќе биде навреден или нападнат единствено заради тоа што има различна сексуална ориентација, кога момчето ќе ја удри девојката затоа што „ја сака“ – тоа се моментите од животот кога сексуалните права не се исполнети“, забележуваат младите волонтери.

Според нив, за да се променат овие состојби пред се е потребно да ги разбереме сексуалните права и да појдеме од принципот дека сите луѓе, вклучително и младите треба ги уживаат овие права. Целата заедница, општеството има обврска да создаде атмосфера во која ќе се почитуваат сексуалните права. Државните институции се оние кои ја имаат најзначајна улога во менување на овие состојби и отстранување на препреките. Сексуалните права треба да бидат основа и појдовен принцип во сите документи и политики.

Затоа, бараат од ХЕРА, признавање на сексуалните права на младите луѓе, целосно вклучување на младите при донесување на сите одлуки кои што се однесуваат на нив, обезбедување на континуирано информирање на младите во врска со нивната сексуалност и вклучување на сеопфатно сексуално образование во училиштата, како и подобрување на здравствениот систем преку прилагодување на постојните сервиси според потребите на младите за нивното сексуално и репродуктивно здравје.

Со цел да се претстават различните реалности на младите луѓе во Македонија и да се покаже што всушност претставуваат сексуалните права, младите волонтери од ХЕРА ја подготвија публикацијата „Незнаењето не е став – Сексуалните права на младите во Македонија“. Публикацијата е достапна на следниов ЛИНК.