ХЕРА: Ограничени можности за информации за заштита на сексуално и репродуктивно здравје во училиштата

Организацијата ХЕРА во соработка со Центарот за стручно образование и обука го спроведе истражувањето за можностите за информираност на учениците од областа на репродуктивното здравје и неговата заштита во училиштата кое опфати 330 ученици и 110 наставници од средните училишта во Скопје.

Според ХЕРА, за поздравување е сознанието дека 55% од учениците изјавиле дека на училиште стекнуваат информации за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ). Најмногу ученици посочиле дека за СРЗ учат на предметот биологија (81%), додека само 26% изјавиле дека учат за СРЗ на предметот образование за животни вештини.

Иако 63% од учениците изјавиле дека по биологија учат за заштита од ХИВ, само 21% од нив кажале дека учеле за употреба на кондом по истиот предмет.

„Добро е што на часовите по образование за животни вештини се работи за човекови права (над 50%), од друга страна само 13% изјавиле дека учеле за кондом, а едвај 2% за орална контрацепција. Темите род, прв сексуален однос, сексуална ориентација, употреба на орална контрацепција се најмалку обработувани. Загрижува општиот заклучок дека учениците и ученичките од албанската заедница имаат поограничен пристап до овие информации. На пример ако на биологија 24% од македонските ученици изјавиле дека учеле за употреба на кондом, овој процент кај албанските паралелки е 13%“, велат од оваа организација.

Учениците кажале дека генерално се задоволни од начинот на кој се предава, но бараат да се посвети повеќе време и наставниците да разговараат поотворено на овие теми.

Истражувањето покажува дека повеќе од 50% од наставниците бараат дополнителни материјали за учениците, како и алатки и прирачници кои ги користат наставниците и дополнителни обуки за знаења и вештини за предавање на теми поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје.

Во споредба со истражувањето на организацијата од 2010 „Љубов само по часови“, од ХЕРА забележуваат дека остануваат истите предизвици односно, дека биологија е главниот предмет на кој што се учи за СРЗ, дека некои теми кои се опфатени во програмите се запоставуваат и дека им е потребна поддршка и дополнителна обука на наставниците.

Од ХЕРА ги повикаа наставниците и наставничките да ги користат едукативните материјали на hera.org.mk и да го преземат Прирачникот за теми од областа на сексуалното и репродуктивното здравје кој од денес ќе биде достапен на следниот линк.

„Уште еднаш ги повикуваме одговорните институции, пред се Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, да преземат мерки за имплементирање на националните стратегии односно да го подобрат образованието за сексуално и репродуктивно здравје во македонските училишта“, велат од ХЕРА.