ХЕРА: Навременото тестирање претставува најефикасно средство за превенција од ХИВ

Организацијата ХЕРА и оваа година се приклучува на Европската Недела на ХИВ тестирање која ќе трае од 21 до 28 ноември. Таа е поддржана од повеќе од 680 организации ширум Европа, кои работат на превенција на ХИВ и годинешниот слоган е „Зборувај за ХИВ, тестирај се за ХИВ“, соопштија од оваа организација на денешната прес конференција.

ХЕРА: Навременото тестирање претставува најефикасно средство за превенција од ХИВ

Целта на кампањата е да се подигне свеста на јавноста за придобивките од ХИВ тестирањето и воедно да се мотивираат граѓаните да направат ХИВ тест и да го дознаат својот ХИВ статус.

Иако во последните години бројот на ХИВ тестирања е зголемен, статистичките податоци говорат дека на годишно ниво во Македонија се уште мал број на граѓани самоиницијативно прават ХИВ тест, велат од ХЕРА.

– Последните европски статистики покажуваат дека 30-50% од 2,3 милиони лица кои се претпоставува дека живеат со ХИВ во Европа не се свесни за својот ХИВ статус. Понатаму, 50% од оние што се позитивни доцна се дијагностицираат, со што се доцни со пристапот кон третман. Доцната дијагноза се поврзува со здравствени компликации, додека, пак, оние лица кај кои ХИВ е рано дијагностициран и кои навремено започнале со антиретровирусна терапија живеат долго и квалитетно. Доколку ХИВ се открие навреме, односно се направи ХИВ тест и се обезбеди соодветен третман, ХИВ се третира како хронична инфекција со која може да се живее долго и квалитетно, соопштуваат од ХЕРА.

Според организацијата, Македонија има широко распространета мрежа на услуги за доброволно, доверливо и бесплатно ХИВ тестирање во 11 градови низ земјата. Тие ги охрабруваат сите граѓани, особено оние кои практикувале сексуален однос без кондом, да направат ХИВ тест, бидејќи сексуалниот начин на трансмисија се уште претставува доминантен начин на пренос на ХИВ, по кој следува преносот преку крвен пат и од ХИВ позитивна мајка на новороденче. Тестирањето за ХИВ треба да биде доброволно и доверливо и секогаш да се прави со информирана согласност на клиентот, велат оттаму.

Граѓаните може да се јават на телефонскиот број 02/3176 950 или да ја контактираат ХЕРА на hivtest@hera.org.mk за да добијат сеопфатни информации за тестирањето за ХИВ.

Младинскиот центар „Сакам да знам“ Водно, во рамките на Европската Недела на ХИВ тестирање исто така нуди советување и тестирање ХИВ, секој ден од 21 до 28 ноември од 15.00 до 20.00 часот, по што тестирањето продолжува како редовна услуга и по завршувањето на кампањата.

Дополнително ХЕРА ја промовираше и првата мобилна апликација ХИВ тест која е веќе достапна на Google Play и којашто ќе им помогне на граѓаните да се информираат за ХИВ и да дознаат која е најблиската локација каде може бесплатно да се советуваат и да се тестираат за ХИВ. Тие подготвија и видео за зголемување на свеста за ХИВ тестирање кое е достапно на следниот линк.