ХЕРА: Македонија веќе не е пример во Европа за земја со либерален закон за абортус

Со потпишување на указ за новиот законот за прекинување на бременоста од страна на Претседателот Ѓорѓе Иванов, од денес, на жените во Македонија и официјално им се ограничени слободите за избор на прекинување на бременоста и планирање на родителството, соошти организацијата ХЕРА.

Оттаму велат дека загрижува тоа што Претседателот Иванов, како доктор на правни науки и како експерт за граѓанско општество, замижува пред неуставната итна постапка по која беше донесен законот и не ја препознава неговата штетност за животот и за дигнитетот на граѓанките на Македонија.

„Ова е првиот закон донесен во независна Македонија со кој се скратуваат правата на жените, со кој се прави чекор назад за демократијата и човековите права. Со овој закон, Македонија престанува да биде пример за земја со либерални права во Европа, во којашто жените слободно можеа да одлучуваат за прекин на бременоста, епитет со кој можевме да се гордееме во изминатите 40 години. Донесувањето на овој закон е пораз и на долгогодишните напори за унапредување на статусот на жената во општеството и постигнување на родовата еднаквост“, велат од организацијата.

Според ХЕРА, сите нови одредби кои ги содржи законот, како поднесување на писмено барање од жената за прекин на бременоста, задолжителното пристрасно советување за ризиците по здравјето и животот за жената и предностите од продолжување на бременоста, како и 3-те дена чекање по советувањето не се засновани на научни факти и преставуваат омаловажување на жената и негирање на нејзините способности сама да донесува одлуки за своето тело.

„Овој закон нема да придонесе за зголемување на наталитетот на земјата туку само ќе го отежни патот за жената, која и така донела тешка одлука да ја прекине несаканата бременост, а ќе се зголемат и ризиците од небезбедни абортуси со кои животот на многу жени ќе биде доведен во опасност“, велат оттаму и додаваат дека ќе се обидат да го оспорат законот пред Уставниот Суд.