ХЕРА: Комитетот за човекови права ја прашува Македонија зошто го ограничува абортусот

По повод утрешното одбележување на 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права здружението ХЕРА преку соопштение се осврнува на проблемот со ограничувањето на правото за абортус во Македонија. Радио МОФ интегрално го пренесува текстот на ХЕРА.

– Меѓународниот пакт за граѓански и политички права во Република Македонија е ратификуван во 1994 година. Минатиот месец одговорното тело за овој пакт, Комитетот за човекови права при Организацијата на обединетите нации од Женева, во рамки на процедурата на разгледување на „Третиот периодичен извештај на Република Македонија кон Пактот за граѓански и политички права“ состави листа на прашања. Меѓу останатите прашања кои се однесуваат на повеќе сфери на правата кои се гарантирани и заштитени со Пактот, Комитетот ја запраша нашата држава во врска со членовите од Пактот поврзани со правото на живот, забраната за тортура и суров, нечовечки и деградирачки третман:

Ве молиме одговорете за загриженоста околу тоа дека Законот за прекинување на бременоста, со воведувањето на задолжително советување и период на чекање, како и јавните кампањи на Владата за ограничување правото на абортус, се во согласност со Пактот. Ве молиме известете за мерките кои се преземени за зголемување на пристапот до контрацептивни методи и мерките за намалување на доенечката смртност.

Ако во претходните заклучни согледувања од 2008 година, Комитетот го препозна напредокот во полето на еднаквоста на мажите и жените во Македонија, ова е прво укажување од високо тело за заштита на човековите права за ограничувањата на абортусот, односно непочитување на обврските кои земјата ги има во однос на човековите права. Во очекување на одговорот којшто државата треба да го обезбеди до крајот на годината, сакаме да ја потсетиме јавноста дека овие согледувања Комитетот за човекови права ги состави:

– пред донесувањето на одлуката на Уставниот суд да не ја разгледува уставноста на Законот за прекинување на бременост,
– пред да се донесе Правилникот за советување на бремената жена пред прекинување на бременоста кој не е во согласност со препораките на Светската здравствена организација и кој дополнително ја дехуманизира и деградира жената и нејзиното право за слободно одлучување за прекин на бременоста,
– но најважно, пред да се регистрираат новите случаи со кои стана јасно дека спроведувањето на Законот ги доведе во опасност здравјето и животот на две жени.

ХЕРА по повод утрешното одбележување на Меѓународниот ден за човекови права препорачува:

– бришење на законските ограничувањата на правото на жената слободно да одлучува за сопственото тело и планирањето на родителството содржани во член 6 од законот за абортус (доставување на писмено барање од страна на жената до здравствената институција за прекин на бременоста, задолжителното советување и 3 дена чекање по советувањето за да ја добие услугата),
– и измена на содржината и начините за советување во правец на нивна синхронизација со препораките на Светската здравствена организација за безбеден абортус.

Може да се очекува дека доколку не се направат ваквите измени, Македонија во рамки на меѓународната заедница ќе биде препознаена како земја во која, поради ограничувањата на абортусот, на жените им е загрозено правото на живот и се изложени на тортура и суров, нечовечки и деградирачки третман, се наведува во соопштението.