„Хемиски спектакл“ од студентите на 4-ти април на Институтот за хемија

Во четврток, 4 април, со почеток во 18:30 ч. на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје ќе се одржи „хемиски спектакл“ кој го организира Клубот на студенти-хемичари по повод Меѓународната година на Периодниот систем.

„Овие спектакли се организираат уште од 1994 година, кога се изведувале серија хемиски експерименти посветени на фосфорот. Во последните неколку години како организатори на овие спектакли се јавуваат две неформални групи – „Групата на среќни хемичари“ и „Групата на не толку среќни хемичари“. Во првата членуваат дипломирани студенти и професори од Институтот за хемија при ПМФ, Скопје, а во втората недипломирани студенти, кои по дипломирањето стануваат среќни и преминуваат во другата група“, објаснуваат организаторите.

На хемиските спектакли присуствуваат студенти, ученици од основни и средни училишта, наставници и сите оние кои се заинтересирани да проследат спектакуларни хемиски експерименти зачинети со малку „театар“.

Влезот е бесплатен, а местата во амфитеатарот се ограничени.