Хемикалии од фирмата „Техникал Текстајл“ ја загадиле реката Брегалница

Хемикалија за производство во компанијата „Техникал Текстајл“ во Технолошко индустриската развојна зона во Штип која се излила во реката Брегалница било причина што вчера реката беше обоена во бело со густа течност, информираше градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

Тој додаде дека инспекторите утврдиле дека транспортна фирма, добавувач на течност која се употребува во производствениот процес на компанијата, имала пукање на цревото со што течноста преку атмосферскиот канал се слеала во река Брегалница.

Градоначалникот информираше и дека синоќа бил извршен увид и во штипските бунари од кои градот се снабдува со вода, но дека не било регистрирано загадување на водата со која се снабдуваат граѓаните.

„Во текот на вчерашниот ден во 19:15 часот се земени анализи на водата на влез и на излез од филтер станицата којшто покажаа дека квалитетот е согласно правилникот за безбедност на водата според хемиска и бактериолошка анализа. Од страна на ЦЈЗ Штип и ЈП „Исар“ е извршен увид и на штипските бунари за водоснабдување на градот со вода, којшто се повисоки и заштитени и нема нивно загадување“, вели Бочварски, додавајќи дека во следните три дена овие институтции ќе вршат вонредни контроли на влезот и излезод на мрежата за водоснабдување.

Градоначалникот соопшти и дека во текот на денот ќе постапуваат инспекторатите за животна средина, по што се очекуваат повеќе информации за затворање на постапката. Тој напомена дека вчерашните слики од коритото на Брегалница биле крајно вознемирувачки и побара одговорност и најстроги казни за сторителите на оваа еколошка хаварија.

Вчера граѓани на социјалните мрежи објавија слики на кои се гледаше како реката Брегалница е целосно побелена, сведочејќи дека од водата се шири непријатна миризба.